• Нема производи во кошничката.
a
  >  Практични Мајки   >  Првата разделба на детето од своите родители
Првата разделба на детето од своите родители

Првата разделба на детето од своите родители

Првото одење на детето во јасли или пак градинка, всушност претставува првото разделување на детето од своите родители. Истовремено, за детето тоа може да претставува и прво соочување со непознати лица. Често ова може да биде трауматична ситуација како за детето така и за родителите бидејќи е исполнето со страв од непознато и прилагодување на ново настанатата ситуација.

Со запишувањето во градинка или јасли, се менува целиот дотогашен начин на живот и тоа без желба на самото дете. Без разлика колку е изразена потребата за друштво со своите врсници (најчесто после 3 години), детето во суштина нема потреба своето сигурно семејно опкружување да го замени за нешто ново и непознато. Од таа причина, голем број на деца реагираат со плачење или пак на некој свој начин протестираат и изразуваат тага поради разделувањето. За нив е тешко да разберат дека градинка/јасли е добро и безбедно место и дека нивните родители за брзо време ќе се вратат. Стравот од разделување доминира, а чувството за напуштеност ги преплавува со што се манифестираат многу бурни и долготрајни реакции.

За родителите е многу важно да знаат дека извесна доза на страв од разделувањето со родителите е вообичаена појава кај децата поради поврзаноста со семејството посебно во раната возраст. Стравот од разделување, не треба да биде причина за грижа, иако не треба да се занемари во процесот на креирање навика на детето да функционира во колектив.
Многу прашања во овој период ги оптеретуваат родителите: зошто плаче, колку долго ќе плаче, дали тоа го прават и другите деца, колку најчесто трае ваквата адаптација, што треба да се превземе за да се подобри ситуацијата, дали да се прекине процесот и да се почне повторно после одредено време, дали бабата е најдоброто решение…

Сосема е сигурно дека воспитувачките во градинките подобро се снаоѓаат во вакви ситуации за разлика од родителите, бидејќи се стручно оспособени да ги разбираат децата и да им помогнат во процесот на адаптација. Тоа за нив е очекуван процес, најчесто во месец Септември кога почнуваат да се прават планови за активности кои би помогнале најбезболно да се преброди целиот период на раздовјување на детето од своите родители. Но, помошта е потребна не само кај детето туку и кај родителите, а тие, таа помош ја очекуваат од личноста на која и го доверуваат своето дете.

Затоа треба да се искористат сите расположливи начини на комуникација со семејството, да се орагнизираат состаноци со родителите на ново запишаните деца, индивидуални разговори со кој ќе им се посочи на родителите за сите тешкотии со кои можат да се пресретнат.