10 забавни начини за учење броеви
Децата најбрзо учат додека си играат, па дури и математиката презентирана на овој начин, преку интересни игри, може да стане омилена, само треба и така да ја претставите на децата уште од мали. Ви презентираме 10 начини на кои може да му помогнете на вашето дете да ги совлада броевите и да ја засака математиката од најраните денови.
1. Лего и пластични чаши
Се што ви е потребно се пластични проѕирни чаши, маркер и лего коцки. Ако децата сакаат лего, ќе сакаат да учат броење со лего коцки.
Запишете ги броевите кои ќе ги учите на чашите, на пример од 1-10, учете да ги броите со тоа што во секоја чаша ќе ја ставите потребната количина-број на коцки. Поголемите можат да учат собирање или множење така што на пример, ќе споите 5 коцки и потоа во чаша со број 10 ќе вментнете 2 пати по 5 споени коцки.
2. Дрво за собирање до 12
Направете го ова интересно дрво и уживајте во собирањето. Потребен ви е картон, две коцки и кадифени топчиња или копчиња. Исечете го картонот така да добиете стебло и крошна од дрво. Крошната користете ја за плодовите, а на стеблото означете две места за коцки и измеѓу нив внесете симбол за собирање. На дното на стеблото, направете рез каде што ќе поминува картонската лента на која се испишани броевите од 2 до 12. Фрлете ги коцките и потоа ставете ги на своето место. На крошната прикачете онолку плодови колку што покажуваат коцките, а потоа крајниот резултат обележете го со лентата.
3. Броење со монистри
Подгответе декоративни врвки во повеќе бои и монистри во иста боја. Обележете го врвот на овие врвки со броевите што ќе ги учите. Дајте му на детето да ги ниже монистрите така што ќе се совпадне бојата и ќе наниже онолку монистри колку е напишано на врвката.
4. Броеви и штипки
Забавувајте се и учете ги броевите со помош на картон и штипки. Исечете го картонот во форма на броеви. На секој картон односно број, детето нека закачи точно толку штипки.
5. Прсти од хартија
Нацртајте ги двете раце на детето на хартија, а потоа исечете ја хартијата. Залепете ги така да дланките се фиксирани, а прстите слободни. Напишете математички задачи за собирање и одземање до 10. А детето нека учи на прстите од хартија така што ќе ги витка или одвиткува.
6. Ставете го точниот број во корпите за колачи
Оваа игра е исто така добра за развој на моториката и за учење броеви. Во хартиените корпички напишете ги броевите. А потоа дајте му на детето задача да вметне толку кадифени топчиња колку покажува бројот во корпичката.
7. Броеви на лажичиња
За оваа игра, потребни ви се два сета на пластични лажичиња. Еден сет проѕирни и еден сет бели. На белите лажичиња исцртајате точки, а на проѕирните броеви. Учете ги броевите преку правилно поврзување на лажичињата.
8. Пронајди под бројот
Играјте игра со криење. За оваа игра се практични пластичните делови од киндер јајца. На секој дел запишете го бројот, така да имате вкупно 1-10 или до 20 капачиња. Сортирајте ги по редослед, а потоа во некоја од нив сокријте некоја фигура. Кажете му на детето под кој број е бараната фигура. Или детето може да ја сокрие фигурата, а вие кажте му на детето кое поле да го отвори за да ја пронајде.
9. Ставете го капачето на вистинското место
Користете разни капачиња што ги имате во вашиот дом за да го научите вашето дете на броевите. Сите капачиња мора да бидат со различни големини, бои и броеви. Нацртајте полиња на картонот со секое капаче и истото поле обојте го со бојата на капачето и обележете го со истиот број на капачето . Детето ќе има задача, со помош на големина, бојата или бројот да го најде местото на капачето.
10. Паркирај на точниот број
Ако детето е љубител на автомобили, ова е идеален начин да ги искористите за учење на броевите. Направете паркинг простор за автомобили и означете го со броеви. Потоа обележете ги автомобилите со по еден број. Детето ќе има задача да го стави секој автомобил на паркинг местото што одговара.