Амниоцентеза
Амниоцентезата претставува земање на примероци од плодовата вода под контрола на ултразвук и таа се прави најчесто од 16-тата до 19-тата недела од бременоста. Се земаат околу 20 ml плодова вода, а самата метода е инвазивна и носи ризик од 1% до 2% од губиток на плодот.
Амниоцентезата се прави доколку пациентката е повозрасна, доколку претходно веќе имала бременост со хромозомски аномалии, доколку некој од блиската фамилија имал бременост со хромозомски аномалии, доколку другите тестови биле со голем ризик или доколу постојат ултразвучни параметри кои претставуваат големо сомневање за некоја хромозомска аномалија.
Процедурата е рутинска и се работи амбулантски. Речиси 70% од жените укажуваат дека нема никаков или имат многу минимален дискомфорт или болка за време на постапката. Обично пункцијата се прави во ниво на фундусот на утерусот, затоа што така постапката е најмалку болна, а компликациите се поретки.
Резултатите кои се добиваат преку амниоцентезата се сметаат за 100% сигурни.