
Бебешка жолтица
Жолтицата е состојба која предизвикува жолтеникава обоеност на кожата и белките на очите.
Ако со прстот притиснете кај носот или градите на новороденчето, можете да ја видите оваа жолта трага. Ако вашето бебе има потемна кожа, можете да видите жолтица во белките на очите или на непцата.
Најчестиот тип на жолтица се развива од вториот до седмиот ден од животот – често кога бебето е веќе отпуштено од болница – за што е важно да знаете за жолтицата и истата да ја пратите.
Повеќето од овие случаи, наречени бебешка жолтица, исчезнуваат сами од себе во првите две недели.
Што предизвикува бебешка жолтица?
Новороденчето има повеќе црвени крвни зрна од потребата на неговото тело, и често, кога незрелата бебешка јетра не може да ги обработи доволно брзо, жолтиот пигмент се зголемува во крвта. Жолтиот пигмент се нарекува билирубин (нуспродукт на црвени крвни зрнца). Поголемиот дел од овој билирубин го напушта телото низ столицата на бебето, но околу половина бебиња развиваат одреден степен на жолтица во текот на првите две недели од животот.
Недоносените бебиња, бебињата со инфекции, после тешки пораѓаи и бебињата со генетски болести се посебно ранливи.
Некои доени бебиња развиваат жолтица доколку од почетокот не добијат доволно млеко, затоа што билирубинот не е во состојба да излезе од телото низ телесниот отпад. Жолтица поради доење обично се појавува во првите две недели од животот.
Може да се појави и поради некомпатабилноста на крвната група со мајката (мајката Rh негативна а бебето Rh позитивно), инфекција на крвта или проблеми со јетрата. Но сето ова се ретки случаеви.
Дали треба да се загрижиме затоа што бебето има жолтица?
Повеќето случаеви на жолтица кај новороденчињата се безопасни и не бараат лечење. Лекарот може да направи анализа на билирубинот во крвта на бебето, што обично подразбира земање на мало количество на крв од бебешката пета.
Во умерените случаеви на жолтица, лекарот може да препише фототерапии (светлосни терапии), под кои се подразбира ставање на бебето само во пелена под посебно плаво светло кое помага неговото тело да се избори со билирубинот, така што ќе се излачи. Ова обично се прави во болниците. Освен фототерапијата, важно е вашето бебе да биде добро хидрирано и редовно да ги извршува физиолошките потреби.
Доколку сте дома, доволно е бебето само во пелена да го оставате до прозор (тргнете ја завесата) да се сонча 10 минути на грб и 10 минути на стомак еднаш дневно.
Педијатарот може да препорача почесто доење или дополна со млечна формула и на бебето да му давате дополнителна течност. Често се препорачува давање на раствор глукоза 5% (во 100ml вода за бебе се додава равна кафена лажичка шеќер) која помага да се предизвика честа столица и преку неа да се исфрли што повеќе билирубин.
Целта на лечењето е да се намали нивото на билирубин, односно да се спречи собирањето на токсични материи во мозокот на бебето (болеста се нарекува kernicterus).
Со следење и терапија, ризикот од kernicterus или други компликации речиси и да не постои.