
Бебешкото лице е како отворена книга
Вашето бебе сè уште не знае ништо со зборови да каже, но тоа ќе ви го каже се со изразот на неговото лице. Еве како да разберете што сака да ви каже…
Животот на секоја мајка ќе биде многу поедноставен кога бебето би можело да зборува или ако сте имале моќ да ги прочитате неговите мисли. Замислете колку прекрасно ќе биде ако, наместо да плаче, може да ви испрати “ментална” порака кога е гладно, дека му е ладно, досадно или нешто го боли!
Најслатката насмевка!
Нема ништо што може така да го разнежни срцето на родителот како насмевката на бебето! Кога ќе ја видите (и ова се случува најчесто околу шестата недела), ќе се стопите како сладолед на сонце. Тогаш ќе знаете дека бебето е задоволно, сито, дека ве препознава и среќно што ве гледа. Но, и пред шест недели, од време на време ќе забележите благ грч на усните што изгледаат како насмевка. Тоа се рефлексите, тие го одразуваат задоволството на бебето и убавите чувства.
Терминот “бу”
Кога, од било која причина е тажно и нешто не му е по волја, бебето ќе ја испрчи долната усна, ќе ги крене веѓите и ќе ве погледне како да сака да каже, “Зошто баш јас?”. Таканаречениот “бу” израз значи дека ако не го земете за да го утешите своето бебе, тоа ќе почне да плаче во полн глас околу десет секунди. За да го спречите ова, утешете го со нежно галење и охрабрувачки зборови.
Непријатно изненадување
Кога ќе чуе некоја ненадејна бучава, тресок или некој друг непознат звук, вашето бебе ќе ги отвори широко очите (дури и ако тоа е пред спиење), рацете прво ќе ги собере па рашири, а нозете ќе ги згрчи и собере кон стомакот. Оваа реакција е збунувачка за родителите, но тоа е всушност знак дека нервниот систем на вашето бебе се развива правилно. Тоа е вроден рефлекс кој ќе исчезне околу шестиот месец.
Лутина и омраза
Верувале или не, и бебињата можат да бидат лути. Ако забележите дека неговите образи заруменат, веѓите се соберат, а устата ја напрчат, тогаш бидете сигурни дека следи силен крик. Во овој случај, дознајте што го предизвикува гневот на бебето и решете го проблемот (вратете му ја неговата играчка или она што е потребно). Инаку, подгответе си тампони за уши!
Умирам од досада!
Сте решиле да го забавувате бебето подрипнувајќи на вашите колена, пеење песни и демонстрирање на играчки … Но, наместо да се смешка и зрачи со среќа, тоа ја врти главата од вас и не сака да ве погледне. Ова е вообичаен начин на кој бебето покажува дека играта му е здодевна и дека повеќе не сака да се дружи. Оставете го само во креветчето со неговите омилени играчки, и одвојте време за одмор.
Гладно сум!
Помладите бебиња плачат гласно кога се гладни и се вцрвенуваат во нивното лице. Постарите се малку повеќе имагинативни во покажувањето на глад: ќе забележите дека го плазат јазикот, ги собираат усните и шмукаат. Ваквите движења на устата значат дека бебето е гладно и дека треба да го нахраните.
Ми се спие!
Бебето почнува да кенка, да ги трие очите и постојано “да ја трие” раката на лицето. Сето ова укажува на тоа дека на вашиот ангел му дошло време за спиење. Веднаш заспијте го вашето бебе на вообичаенот начин, бидејќи ако продолжите со активностите и играта, ќе се појави фаза наречена “три часа непотребно бучава”.
Чудо невидено
За вашето бебе, светот е возбудливо место со многу секојдневни “чуда”. За него сè, буквално сè, е изненадување, почнувајќи од вашиот мобилен телефон до соседните мачки. Широко отворени очите, веѓите кренати, отворена уста до брада, е јасен знак дека тие сакаат да го “истражуваат” непознатото и дека уживаат во тоа.