Break a leg – Светски ВицеШампиони по ХипХоп танцување
Андријана и Трајче, сопственици на BREJK A LEG студиото за хип-хоп танцување. Тие не се партнери само кога станува збор за работата, тие се родители и на две преслатки дечиња Исидора и Михаил. За тоа колку големи професионалци се во својата работа, доказ се многубројните награди кои ги добиваат. Во последните години го зголемија присуството на хип-хоп во Македонија и придонесуваат за здрави навики кај дечињата.
Колку време постоите, и зошто баш Break a Leg ?
Андријана: Брејк а Лег го формиравме во 2008 година, а името дојде сосема случајно после долги размислувања кое е најдобрата опција , мојот најдобар другар Диме на шега кажа, “ Kога не знаете што, нека биде Брејк а Лег”. Од шега, сега името е препознатливо секаде на Балканот 🙂
Андријана, зошто ХипХоп а не балет?
Сите не знаат како студио во кое се тренира хипхоп танц. ХипХоп танцот го одбрав бидејки е сосема спротивен од танцот кој го учев од дете како што веќе спомнавте, тоа е балетот. Хипхопот го опишува мојот карактер и темперамент , таму пронајдов начин преку кој можам да ја изразам мојата креативност и идеи.
Како може да се стане член во вашето студио и што е пресудно да се биде дел од Break a Leg?
Андријана : За да тренираш танц , треба да сакаш да танцуваш, тоа е основниот предуслов. Многу од младите генерации се запишуваат поради тоа што хипхоп танцот е популарен и сега е тренд да си танчер, да снимаш видеа и да те има на Instagram и Youtube. Дел од нив ги запишуваат родителите бидејки се талентирани, а најголемиот дел се запишуваат поради љубовта кон танцот.
Како се одвива еден час?
Андријана: како и секој спорт, и во танцот тренингот започнува со кардио тренинг загревање , истегнување и тоа трае 20тина минути. Кога веќе сме се загреале , работиме на изучување и подобрување на техниката или работиме нови кореографии. Крајот од тренингот секогаш е резервиран за Battle каде танчерите се натпреваруваат едни со други, со тоа ја подигнуваме самодовербата , го јакнеме тимскиот дух и најбитното е се забавуваме.
Што е она што членовите на ова студио го добиваат како бенефит, и колку тоа влијае на нивниот правилен развој?
Трајче: Основниот бенефит е социјализацијата на дечињата , се учат на дисциплина , на работни навики и тимска работа , со оглед на тоа дека сите кореографии се поставени каде една група од 20тина дечиња мора да функционира како една целина за да може да постигне резултат. Вежбите кои се прават истотака помагаат за правилно оформување на телото , бидејки сите делови подеднакво се вклучени во процесот на танцување. Има многу причини поради кои танцот е одлична опција за децата.
Родители сте на на две дечиња, колку е тешка или лесна работата со водење на студиото, со оглед на тоа што работите доста напорно?
Андријана: Благодарение на поддршката од нашите родители ,некако успеваме да да го одржиме темпото кое претходно сме го имале. Тука би сакала и да им се заблагодарам на нашите кореографи Бенџамин и Филип кои без кои немаше да го издржиме периодот кога се роди Михаил , а притоа квалитетот на работа и кореографии повторно е на врвно ниво. Јас побрзо од очекуваното по само два месеци се вратив во Студио , на почетокот беше тешко , но сега полека влегувам во форма. Кога се сака се се може, но дефинитивно семејниот живот и улогата на мајка бара многу одрекувања и жртви.
Кое e вашето најголемото достигнување како студио?
Трајче: Тешко е да се дефинира што е најголемо достигнување за нас, дали тоа што веќе 10 години успешно работиме, го популаризиравме хипхоп танцот во Мк и сме синоним за квалитетен танц или тоа што создаваме генерации спортски , здрави , дисциплинирани млади луге , дел од нив веќе успешни во танцот или пак меѓународните признанија и резултати кои се импресивни , бидејки од 2010та па наваму со исклучок на 2014та сме биле во финале на Светско првенство. 2016та и 2017та се едни од најуспешните години бидејки станавме Светски ВицеШампиони , малата Мила Србиноска Европски Шампион, Ивана Стојановска и Ана Стевковска Европски ВицеШампиони.
Кои се вашите идни планови?
Трајче: Оф , од каде да почнам хаха. Оваа година прославуваме јубилеј – 10годишнина , ќе имаме свечена манифестација во Октомври со многу изненадувања.
Ноември јас и Илија од Eat The Beat организираме Европско првенство во Street Dance , 5 дневен настан во С.Ц. Јане Сандански каде учество ќе земат над 4000 танчери.
Во меѓувреме имаме многу натпревари како кај нас , така и во Црна Гора, Грција, Германија, Полска , Србија итн.
Уф, навистина агендада ви е долга 🙂 Brejk A Leg, Babyshop ви посакува уште поголеми успеси. Да има уште многу причини за објава во нашиот блог.
За крај сите наши читатели сакаме да ги почастиме со ова прекрасно видео на Break a leg 🙂