• Нема производи во кошничката.
a
  >  Деца   >  Децата учат од модел, интервју со Сара Сековска – Психолог
Децата учат од модел! Интервју со Сара Сековска - Психолог

Децата учат од модел, интервју со Сара Сековска – Психолог

Сара Сековска е дипломиран психолог, сопруга и мајка на две деца. Дипломирала на Универзитетот„ Св. Кирили Методиј“ –Филозофски факултет Скопје, катедра за психологија. Од професионалното искуство се издвојува работата како едукатор во Браинобраин со употреба на абакуси НЛП техники и едукацијата за примена на Гешталт психологија во психотерапевтски цели. Моментално нејзиниот професионалниот интерес е насочен кон примена на педагошката психологија кај деца во претшколска возраст во Интернационалната градинка Пиколини. 

                                                                    

  1.    Дали идните родители, треба да имаат некаква подготовка, и ако треба каква е таа?

 

Пожелно е оние кои се подготвуваат да станат родители да посетат некое од советувањата или да прочитаат некој од прирачниците подготвени од педијатрите бидејќи така ќе се информираат за фазите низ кои ќе поминува нивното новороденче. Но, тоа секако нема целосно да ги подготви за родителскиот период кој им следува. Она што е важно за родителите е да сфатат дека не постојат совршени родители, туку постојат родители што се ТУКА за своето дете, во полна смисла на зборот ТУКА. Значи дека се тука и ментално и физички да ги следат потребите на детето и да најдат начин да ги задоволат. Секое барање на решение на одреден проблем во книги, на форуми, по социјални медиуми, само ќе ги оддалечи родителите од наоѓање на вистинското решение. Родителите треба само да воспостават вистински контакт со своето дете. Кога ќе научат да го слушаат и почитуваат своето дете, ќе почнат да уживаат во улогата на родител. 

 

 

 

  1.     Дали го подржувате мислењето дека детето не треба премногу да се фали и зошто?

Ако го научите детето да живее со пофалби, ќе научи да цени. Ако го научите да живее со критики, ќе научи да осудува. Не постои многу и малку фалење, постои соодветна поддршка и реакција на одредено однесување на детето. Кога децата растат во средина во која се афирмира и наградува позитивното однесување, а се прекорува негативното, тие градат вредносен систем и точно знаат кога треба да бидат пофалени, а кога направиле нешто кое не е за пофалба. Поттикнувањето на детето да направи само одредена активност и пофалбите и поддршката се многу важни во процесот на градење на самодоверба. 

 

  1.     Дали го оправдувате физичкото насилство врз децата од страна на родителите, како начин на воспитување во ситуации кога тоа детето го заслужува” ?

 

Ниту како психолог, ниту како родител не можам да го оправдам физичкото насилство како начин за разрешување на конфликт, а посебно кога се работи за деца. Агресијата носи агресија. Физичките повреди влијаат негативно и врз физичкото и врз менталното здравје на детето. Болката која ќе му ја нанесете физички ќе помине, но болката која ќе му ја нанесете на душата ќе остане засекогаш.  Децата учат по модел. Наша обврска е да создадеме здрави поколенија кои се способни да се справуваат со предизвиците кои ги очекуваат во животот на еден конструктивен и мирољубив начин. Доколку е применето психичко или физичко насилство врз децата не е исклучено тие да го интернализираат како модел на однесување и понатаму и тие да го применуваат. Тогаш тоа дете не е проблем само на родителите, туку на целото општество.

 

  1.     Kако вие го дефинирате ставот дека ќoтекот излегол од рајот?

 

Хахаха. Сакам да верувам дека тој што ја преведувал поговорката згрешил во преводот и не мислел на ќотек туку на одредена казна која не вклучува физичко насилство. Според мене агресијата врз децата во било кој облик е лична немоќ на родителите да најдат алтернативно решение во одредени ситуации. Не велам дека децата треба само да се наградуваат. Авторитативниот пристап и поставувањето на одредени норми и правила е препорачливо. Но, сето тоа треба да биде во согласност со возраста и фазите низ кои поминуваат децата. 

 

  1.     Какви мерки треба да превземат родителите, кога нивното дете покажува знаци на насилство?

 

Многу е важно родителите да го препознаат моментот кога детето ќе пројави несоодветна реакција, односно ќе стане насилно кон околината. Важно е да  се детектира кој е изворот на фрустрација и дали е поврзано со извесна несигурност која детето ја чувствува или е резултат на некоја незадоволена потреба. Во тој период родителите треба да бидат што е можно повеќе со своето дете обезбедувајќи му средина полна со љубов и разбирање и со поддршка за самото дете. Секако треба да постои и јасно вербално изразено осудување за насилството кое го пројавува, потенцирајќи ги последиците од таквото однесување на јазик разбирлив за возраста. Она што е многу важно е родителите да направат дистинција помеѓу одредено однесување на детето и неговата личност.  Секогаш кога детето несоодветно реагира родителите треба да го „казнат“ однесувањето, а не да му кажуваат дека тој/таа е „лошо дете“. Едно однесување не ги прави лоши децата во целост. Најчесто кај децата тоа се јавува во одредени развојни фази и се смета за нормална реакција во одреден период и во одредени граници.

Доколу насилството продолжи и се проширува на различни субјекти, а родителите се чувствуваат немоќни да помогнат да се реши, треба да се посети психолошка ординација каде моите колеги ќе дадат насоки на родителите за понатамошно делување.

 

  1.     Дали постои разлика во воспитување на детето во случај кога родителите се разведени?

 

Постои разлика во пристапот на родителите само во одредени сегменти. На која возраст и да се децата кога ќе се случи разводот тие ќе имаат проблем да го прифатат тој факт и ќе чувствуваат вина за целата ситуација. Исто така може да пројават одредени сепарациони стравови, а чувството на несигурност во себе и недоверба во другите ќе ги следи одреден период. Тоа е секако нормално во фазата на прифаќање на новонастанатата ситуација. Она што е важно кај ваквите деца е да се ослободат од чувството дека тие се виновни за ситуацијата и дека доколку се однесувале поинаку немало да дојде до развод. Доколку условите го дозволуваат тоа, децата треба да имаат избор да поминуваат време и со двајцата родители за да немаат чувство дека изгубиле некој од родителите. Во останатите сегменти родителската улога е иста. Не би требало да се остави простор децата да го употребат разводот за манипулирање со родителите и околината. 

 

  1.    Со оглед на тоа дека сте психолог во градинка, може ли да ни дадете накратко дефиниција за тоа која е идеалната средина и услови кои треба градинката да ги обезбеди, со цел децата да имаат здрава околина за правилен раст и развој.

 

Децата учат по модел….

1.Искрениот пристап ќе ги научи што е вистина

2. Еднаквиот пристап ќе ги научи на правда

3.Толерантноста ќе ги научи на трпеливост

4. Признанието ќе ги научи на себевреднување

5. Сигурноста ќе ги научи да веруваат во другите

6. Почитувањето и пријателствата ќе ги научат како да ја најдат љубовта во светот.

 

Благодарност до тимот во Пиколини кој секојдневно воден од овие начела ги воспитува и образува децата во тој дух.