Детската телевизиска програма некогаш и денес, зборуваме со М-р Татјана Гогоска, автор и комуниколог
Покрај интернетот кој зема се поголем и поголем замав во денешницата, сепак не треба да ја изоставиме и моќноста која ја носи телевизијата. Кога бев дете постојано ги следев детските телевизиски програми, едноставно растев со нив, се идентификував со некои од ликовите или јунаците, ме обземаа со среќа.. барем во мојата меморија сеуште стои истото чувство. Токму затоа babyshop реши да најде некој од”виновниците” кои ги создадоа или беа дел од создавањето на одличните едукативни и забавни детски серии, кој за жал на нашите деца неможаме да им ги подариме во целост. На youtube може да се најдат многу малку материјали и секако истите не се со добар квалитет Но, како и да е на оваа тема ја имаме Мр. Татјана Гогоска со која ќе имавме одлична средба и пријатен разговараме токму на таа тема.
1. Од кои и колку детски емисии сте биле дел?
Телевизиското авторство на Програми за деца ми зазема најголем дел од мојата професионална биографија.. Во еден долг период од 20 години,,со назнака многу авторски плодни години, бев преокупирана токму со тоа. Почнав со серијата „Канал ДЕ “ , која беше нов зрак во правењето на емисии за деца во тогашната МТВ,потоа дојдоа „Дајте музика „, две прдолженија ,па Во светот на бајките, Ние сме нај, ..и многу други .
2. Дали имате омилена и зошто ?
Секако омилена ми е „Дајте музика„ , затоа што тоа беше мој личен авторски најголем успех во телевизиската продукција,. Серија која ми отвори многу врати и патишта. Со неа одев на фестивали во Словачка, Германија..Америка…патував ..едноставно ми ги отвори и професионалните и личните патишта.
3. Од што ја добивате инспирацијата?
Од децата, пред се од моите кои тогаш беа во таква возраст, од нивните другари, забавиштата, училиштетео, родендените ..едноставно живеев со нив и за нив и оттаму море на неисцрпна инспирација.
4. Колку се важни програмите наменети за деца ?
Многу повеќе отколку што сега се мисли.Телевизијата е важен дел во развојот и емотивен и социјален на децата .Нема дете – сега веќе млад човек, што доколку имал искуство со телевизија, тоа да не му е едно позитивно сеќавање од детството. Децата сакаат да се идентификуваат, да растат со јунаци . Едноставно е многу важно.
5. Каква компарација би направиле на детските телевизиски програми некогаш и денес?
Прва, но и единствена: Некогаш имаше многу програми за деца, децата трчаа дома да гледаат емисии наменети за нив , ги раскажуваа со другарчињата ,се идентификуваа со јунаците а сега нема ништо. Со години повеќе од деценија во изумирањата на телевизиите како програмски сервиси изумре и оваа програма за деца.
6. Што ги прави детските програми подобри од некогаш и денес Дали е важен терминот кога се емитуваат и направете компарации (доколку може ) некогаш и денес) и на што треба да бидат насочени тие?
Па веќе споменав, тогаш имаше мнгу програми и сопствена продукција и се водеше сметка да се преземат квалитетни програми а сега нема програми .Се појавуваат ад хок некои кои се без темел кој ја прави една програма да е квалитетна за децата. Многу е важен тајмингот .Секогаш нашите од тоа време на МТВ најдобри програми ги пуштавме во добро истражени тајминзи.Се водевме на времето во добро утврдени Програмски шеми на ЈРТ и на ЕБУ. И се знаеше кој термини се најгледани од децата.Сега тоа е смешно ако кажеш.Програмска шема и водење сметка е непознаница за жал и за МТВ и за другите телевизии.
7. Што би им препорачале на родителите на што да внимаваат при изборот на детска програма која ќе им ја понудат на децата за гледање ? ( цртан филм, анимиран цртан, детска програма )
Родителите треба да веруваат на децата. Децата тоа што е интересно за нив го гледаат. Не може родителот со сила да го натера. Е сега има разни полемики, околу насилството во цртаните, недореченостите во анимираните и слично. Но,верувајте ниедно дете не станало насилно гледајќи ги Том и Џери. Напротив секое дете си избира јунак со кого се идентификува. Најважно е пред се да гледаат домашна продукција што ја нема, а од преземените во дозирани временски интервали тоа што детето сака да гледа.
8. Дали имате во план да подготвувате нешто ново за деца и што би било тоа
и што е потребно за да се реализира една детска програма?
Многумина ме прашуваат тоа.Јас пред повеќе од осум години си заминав од МРТ затоа што сфатив дека моето останување таму е само губење време низ ходници. Програма не се прави и никој не е заинтересиран за тоа. За квалитет уште помалку. Сама не направив проект затоа што сметам дека за да биде еден проект добар треба одличен тим, подготовка, услови и сето тоа многу чини.Телевизиската продукција е скапа играчка. Сите што мислеа дека можат да направат без еден од овие набројани делови направија лоши програми. Никогаш не би работела нешто што е лошо или средно. А желба ми е да работам како сценарист на голем проект. Никогаш не се знае.
9. Што е она што во моментов го работите ?
Имам период после МТВ од осум години кога работев драмска програма. Имав свој Детски креативен центар „Ѕвезда“, направив многу претстави со деца и за деца.Објавив четири книги од кои три за деца и еден роман за возрасни .Добив државна награда за Драмски текст за деца, кој за жал сеуште не е поставен. Работев во рамки на драмска и издавачка дејност и поедини проекти, затоа што како што кажав тоа во тие услови можев да го правам солидно или одлично.
Сега од пред два месеци дојдов во нов професионален период т.е се вратив на моите професионални почетоци на новинарството. Уредувам дневен портал www.kulturno.mk и сум среќна затоа што верувам во себе дека во интернет медиумскиот простор за одреден период ќе направам читан, читлив и препознатлив портал.
Моја порака за сите посебно млади, најважно е да го сакате тоа што го работите и да живеете така како што сакате .