
Доцнење при излегувањето на стален заб
Не е баш вообичаена појавата помеѓу паѓањето на еден заб и растењето на нов да пројде доста време, но нормално е и тоа некогаш да се случи. Одложеното израснување на сталниот заб најчесто се случува ако доаѓало до траума на забите, па тогаш млечниот паѓа прерано. На пример, кај децата каде што забот е искршен или поцрнет од некој удар. Тогаш ќе пројде онолку време колку што е потребно за да се појави стален заб.
Доколку детето го носите на редовни стоматолошки прегледи, како што е препорачано, не би требало да се грижите. Почекајте ја контролата и прашајте го детскиот стоматолог. Доколку нешто ви е нејасно, тој ќе ве упати да направите рентгенска снимка на забите за да види што се случува.
Многу се ретки случаите кога сталниот заб не може да го пробие непцето и да излезе. Главно тоа се случаи при излегување на млечните заби или умниците. Кај излегувањето на умниците стоматологот ќе направи дупче во непцата за да им помогне да излезат.