Доењето може да го намали обемот на струкот кај мајката
Сите знаеме дека доењето е најдобрата можна опција за бебето и неговото здравје и благосостојба, а сега науката покажа дека тоа може да влијае и на мајката и нејзиниот физички изглед.
Доењето на бебето е еден од покомплицираните делови од мајчинството, а неговите предности се повеќекратни за новороденчето. Меѓутоа, освен што доењето е добро за бебето, тоа е одлично и за мајката. Имено, најновите истражувања покажаа дека доењето може да го намали обемот на струкот кај мајката.
Во истражувањето “Резултати од бременост и здравје во заедница” на Универзитетот во Питсбург и Државниот Универзитет во Мичиген учествуваа 700 жени. Истражувачите ги пратеа мајките кои се породиле од пред околу 7 до 15 години.
Резултатите кои се објавени во списанието Journal of Women’s Health покажаа дека мајките кои доеле повеќе од 6 месеци имаат потенок струк за речиси 4 сантиметри во споредба со струкот на мајките кои престанале со доење после шест месеци или порано.
Освен тоа, мајките кои доеле подолго имале и помал обем на куковите. Истражувачите ги земаа во предвид и возраста, расата или етничката припадност, компликациите во бременоста, социоекономскиот статус и факторите на здравиот начин на живот.
Научниците открија и дека мајките кои ги доеле своите бебиња имале помал индекс на телесна маса, како и понизок систолен и дијастолен крвен притисок. Причината е тоа што мајките кои дојат се посвесни за важноста на здравата исхрана за бебето.