Домашно животно – најдобриот пријател на детето
Децата ги сакаат животните, а причината за тоа е голема. Тие ги учат на одговорност и им нудат една посебна забава, пријателство и безусловна љубов. Домашните милиничиња се радост, но и обврска. Родителите тешко се одлучуваат како да се постават кога нивното дете сака да има домашен миленик како и да се одлучат кое е тоа животно кое најдобро би го прифатиле. Добро треба да се размисли затоа што љубимците освен игра, веселба и љубов, во домот носат доста промени како што се: влакна, изгризен мебел и кондури, секојдневно шетање, хранење, дресирање….За да бидат родителите сигурни дека детето навистина сака домашно милениче и е спремно на целата одговорност, треба да се запрашате како дошле на идеја да имаат домашно милениче, како реагираат кога се во контакт со животни и дали ги сакаат приказните и цртаните филмови каде главните јунаци се животни.
Иако некои стручни лица сметаат дека децата помали од 6 години не се способни за соживот со домашни миленици, секој родител треба да донесе одлука кога е вистинскиот момент за домашно милениче. Имајте во предвид дека децата до три-четири години не можат самостојно да се грижат за домашните миленици. Пред домашното милениче да пристигне во вашиот дом, треба да размислите за времете и финансиските средства кои треба да се обезбедат за новиот член во семејството, дали некој во семејството е алергичен на животински влакна или перја, и убаво да се размисли кое животно е најприкладно за семејството. Овие размислувања се навистина битни за секој родител кој има во план да земе домашно милениче бидејќи доколку одлуката е избрзана домашното милениче за кратко време ќе треба да го напушти домот, а вашето дете тешко ќе го поднесе сето тоа.
Поврзаноста со домашните миленичиња е многу голема и сигурно многу од вас ќе се сложат дека најголемата предност да се расте со домашно милениче е поврзаноста. Неверојатно е тоа колку сите во семејството, посебно најмладите се поврзани со домашното милениче. Тоа станува член на семејството кое им помага да бидат уште поблиски. Всушност, миленичето е тоа околу кое семејството се собира и заедно учествуваат во активностите како шетање, хранење или пак играње. За ваквите семејства понекогаш и најдобрата забава е да гледаат како кучето или пак мачката го брка својот опаш или пак рипчињата кои што пливаат во аквариум. Во секојдневниот хаос и брзиот начин на живот, времето поминато со вашето милениче треба да е вистинско уживање, бидејќи животните даваат безрезевна и чиста љубов како што ретко кое живо суштество знае да ја даде.