Домашното производство во чекор со трендовите на здравата исхрана.
БШ: Г-дине Марио Мирсинов, вие сте сопственик и менaџер на Био Космос, бренд кој е препознатлив како на постарата така и на помладата популација и имате добра репутација во областа на здравата храна. Дали одлуката да се фокусирате на здравата храна беше стратешка одлука уште на самиот почеток и кои беа првичните планови и очекувања за да го започнете бизнисот?
Марио: Како сопственици на Мирана прехранбена индустрија нашата стратешка цел беше да се прошири асортиманот на фабриката во делот на здравата храна кој е во подем во нашиот регион. Одлуката да ја превземеме Био Космос ја донесовме бидејќи постигнавме договор кој е во полза на двете страни. Био Космос има 450 производи во своето портфолио и доколку почневме да ги развиваме сите во Мирана ќе траеше премногу долго и ќе потрошевме значителни ресурси. Сметаме дека одлуката е на место и дека сега ќе може директно да се фокусираме на подобрување на квалитетот и отпочнување соработка и со подалечните држави.
БШ: Кога ќе се спомне здрава храна или пак здрав начин на исхрана перцепцијата е дека тоа е скапа храна. Како се справувте со оваа перцепција?
Марио: Во нашата држава здравата храна е погрешно разбрана, некои тоа мислат дека е само овошје, зеленчук, јатки и семиња, и не ги обвинувам бидејќи така се поставени работите од претходно. Ние активно работиме на едукација на клиентите за тоа што е здрава храна и како се користи дел од храната која ја нудиме на пазарот. Под здрава храна треба да разбереме храна која не му штети на организамот, на пример храна без шеќер, значително намалени заситени масти, намалено количество на сол, без конзерванси и вештачки бои и ароми, без гмо, богата со витамини, минерали, протеини и така натаму. Одговор на вашето прашање би било дека не мора да значи дека здравата храна е скапа, само треба да се внимава на состојките и нутритивните вредности.
БШ: Дали правите извоз на производите и каде се можат да се најдат во светот, a кои се најпродавани производи?
Марио: Најпродавани производи не можеме да одвоиме кои се бидејќи на различни продажни места различни се производите кои се нај продавани, на пример во аптеки и во маркети немаме исти производи па затоа нај продаваните би биле различни. Но може генерално да се каже дека како топ производи во продажба се муслите и производи кои се користат за појадок и правење смутиња и шејкови. Инаку после нашето превземање на Био Космос производите може да се најдат во неколку држави како Албанија, Косово и Словенија. Моменталниот фокус ни е точно на извозот кој ќе даде стабилност на компанијата
БШ: Во што сте поразлични од конкуренцијата?
Марио: Био Космос како бренд е со одлична репутација бидејќи има 60% органски производи во своето портфолио а тоа е во стотици производи. Моментално нема друг бренд кој нуди толку производи со органски сертификат и клиентите имаат доверба во Био Космос, знаат дека тоа е 100% органско. Истотака секогаш сме чекор пред конкуренцијата, многу од производите за прв пат се донесени во Македонија од Био Космос, сега клиентите знаат дека доколку нешто видат во странство или прочитаат за некој рецепт на интернет, можат состојките да ги најдат кај нас.
БШ: Дали имате линија за здрава храна за деца?
Марио: Линија за бебиња немаме бидејќи тоа е премногу сложен процес кој бара огромни инвестиции и развивање во долг временски период. За деца од над една годишна возраст па натаму има некои производи кои можат да ги конзумираат, на пример палента или овесни каши.
БШ: Кои производи ги препорачувате за најмладите и која е возраста и таргетот кон кој е сконцентриран Биокосмос?
Марио: Возрасен таргет немаме генерално, сите производи си имаат различен таргет. На пример мусли за појадок не користат луѓе постари од 40/50 години. Големо е портфолиото на производи за да разговараме за одреден таргет. Здравата храна е начин на живот и не би требало да се таргетира по возрасти, сите треба да внимаваат на нутритивните вредности што ги внесуваат во еден ден. Ние сме фокусирани на промена на начинот на живот генерално на по младата популација бидејќи токму тие се оние што не внимаваат на исхраната и брзиот начин на живот придонесува да младите се исхрануваат неправилно. По возрасните дали од искуство или од мака повеќе внимаваат на внесот на нутритивните вредности.
БШ: Искуствено се гледа дека посветувате големо внимание на контролата на квалитетот. Можете ли да ми кажете кои се сертификати за квалитет ги поседувате и дали инвестирањето во истите се исплатеше?
Марио: Нормално дека една главна ставка во нашата компанија е контрола на квалитет и доста време и финансии се потрошени за производите да бидат произведени по сите стандарди. Последните инвестиции ги направивме токму од тие причини, фабриката е преселена во нова зграда од 2500 м2, изградена по сите стандарди за производство и запазување на ХАЦЦП стандардите. Набавени се нови машини кои по ефикасно и по безбедно ќе ги произведат самите производи, набавени се машини за дезинфекција на воздухот и површините во производниот дел, воведени се правила кои ќе го намалат ризикот од одредени оштетувања на самите производи, и ова е само дел од активностите превземени за контролата на квалитет.
БШ: Конкуренцијата во прехранбената индустрија е се поголема посебно што свесноста кај луѓето за здрав начин на живот и здрави навики како кај возрасните така и кај децата е во пораст. Што превземате во поглед на зголемување на квантитетот на производите но и инвестиции во модерната технологија?
Марио: Како што спомнав, работиме на зголемување на продажбата во нашата држава и во странство. Ние не се плашиме од конкуренцијата, имаме јасна визија и одличен бренд. Во последните 6 месеци имаме одличен пораст на продажба од 20% а планот е да се триплира продажбата до крајот на 2019 година.
БШ: Вие сте и ко сопственик на Маркт, новите продавници во градот. Како го поврзувате биокосмос со ваквите продавици?
Марио: Маркт е одлична приказна која се покажа како прав избор на концепт маркет во кој може да се најдат производи кои се сметаат за здрави. Во Маркт има голем асортиман на производи од различни производители и Био Космос одлично се вклопува со своите производи бидејќи тоа е нашиот кор бизнис. За сега имаме две локации и сигурно дека ќе се прошири бројот до крајот на 2018 година.
БШ: Според вас, ќе успееме ли да го намалиме бројот на деца во Македонија со прекумерна тежина? Во тој контекст, го гледате ли понекогаш Вашиот бизнис како нешто поголемо од индивидуален компаниски успех, како мисија што е поголема од тоа, мисија што треба брзо да ги подобри навиките за исхрана во општеството?
Марио: Компанискиот успех ќе си дојде сам со остварувањето на нашата визија и мисија, спомнав претходно дека активно работиме на промена на начинот на живот на популацијата, по конкретно на помладата популација. Ние како компанија може само да сугерираме и да потенцираме што е добро за конзумирање а што не, па затоа не гарантираме дека ќе го намалиме бројот на деца со прекумерна тежина. Треба со таквите случаеви да се работи индивидуално што не е во нашиот домен, можеби ангажирање на нутриционисти од страна на родителите е нај добрата опција за да се намали прекумерната тежина на своите деца. Ние сме тука со нашите производи да помогнеме и со самото тоа што сме овозможиле достапност на тие производи треба да е одлична можност за да се искористи од страна на родителите за да ги едуцираат своите помлади за тоа каков треба да биде начинот на живот и секојдневната исхрана. Тоа е долг процес кој почна од неодамна но сметаме дека ќе потрае.