• Нема производи во кошничката.
a
  >  Практични Мајки   >  Голема дилема – вода за бебиња
Голема дилема – вода за бебиња

Голема дилема – вода за бебиња

И покрај бројните обиди да се разреши дилемата дали на бебето му е потребна вода во периодот додека се храни исклучиво со млеко, тоа претставува едно од најчесто поставуваните прашања.

Иако во пракса се сретнуваат различни ставови на педијатрите, официјалниот став на еминентните педијатриски здруженија засновани на многу добро поткрепени студии е јасен – водата не е неопходна во првите 6 месеци, или додека детето не почне да внесува немлечна храна (некои родители порано почнуваат со воведувањето на немлечна храна).

Препорката се однесува на сите здрави бебиња, без разлика дали се хранат со мајчино млеко или со адаптирана формула, затоа што процентот на водата во нив е сличен и изнесува околу 88%.

“Не е потребно” не значи дека е “опасно”. Имено, ако ова прашање ви е голема главоболка, можете на вашето бебе да му понудите вода, но не во тек на првиот месец од животот, не пред подојот, туку исклучиво помеѓу два оброка и водете грижа за тоа каква вода му нудите.

Водата мора да биде микробиолошки и биохемиски исправна, значи во предвид доаѓаат само флаширани води, најдобри се оние наменети за бебиња, затоа што содржината на минерали е прилагодена на нивните потреби (пред се ниска содржина на натриум) и вода од водовод во краевите каде што е проверено исправна.

Водата од водовод е неопходно да ја провриете пред употреба (да врие 5 минути). Во водата немојте да додавате ништо – ни шеќер, ни лимон…Што да направите ако бебето одбива да ја пие? Многу едноставно – престанете да му ја нудите.

Доколку млечната формула ја припремате со флаширана вода, не е потребно да ја провриете, но по отворањето би требало да ја чувате во фрижидер и да ја искористите за следниот оброк. Важно е да водите грижа и садовите, мерилката и шишето кои ги користите да бидат темелно измиени, а потоа стерилизирани, формулата да ја чувате во оргиналното пакување, на начин и рок кои на амбалажата се означени од производителот, да ја припремате со чисти раце, непосредно пред оброкот, а остатокот да не го чувате за наредниот оброк.

Кога ќе почнете со воведување на немлечна храна, почнете на бебето редовно да му нудите вода помеѓу оброците, повторно без никакви додатоци. Со оглед на тоа дека храната за бебето се припрема без шеќер и сол, очекувајте дека вашето бебе нема веднаш да биде заинтересирано за вода, затоа што потребите и понатака ги задоволува со млеко.

Избегнувајте да му нудите сок за нешто да се напие, за да не направите штетна навика, затоа што бебето секогаш ќе одбере сок пред водата. Прво нека се навикне да пие вода, на што можете да причекате 2-3 месеци, па дури потоа, доколку сакате на бебето понудете му сок (здрави се единствено свежите сокови).