
И на татковците им расте стомакот: Непосредно по раѓањето на првото дете, мажите добиваат на тежина
По 20 годишното набљудување на животот на мажите, истражувачите презентираа еден необичен факт – таковците се дебелеат веднаш по породувањето на жената.
Идните мајки во текот на бременоста можат да добијат и до 16 килограми. По породувањето, секоја од нив се труди што побрзо да го симне вишокот на килограми.
Интересното истражување покажа дека и татковците добиваат на тежина, но дури откако ќе дојде бебето.
Добивањето на дете претставува значаен момент во животот на мажите, затоа што тоа опфаќа и неверојатна количина на љубов, но и одговорност и непроспиени ноќи.
Оваа студија која ја водеше Крејг Гарфилд од Универзитетот Нортвестерн, потврди дека големиот број на мажи добива на тежина по раѓањето на првото дете.
Во студијата учествуваа 10.254 мажи, кои се испитувани во тинејџерските години, во тек на дваесеттите, па се до раните триесетти години. Беше набљудувана нивната тежина, брачниот статус и бројот на деца во текот на тие 20 години.
Во 2014 година истражувачите ги анализираа информациите и сфатија дека индексот на масата директно е поврзан со татковството.
Докторот Гарфилд објаснува дека мажите природно добиваат на тежина затоа што со текот на годините нивниот метаболизам се забавува. Сепак забележано е дека само кај оние кои станале татковци индексот на масата нагло расте.
Попрецизно, мажот кој ќе стане татко по прв пат може да добие повеќе од 2 килограми непосредно по раѓањето на детето.
Исто така, кај оние кои немаат деца се случува губење на килограми во текот на тие 20 години.
Студијата не испитуваше поради што конкретно ова се случува, но докторот Гарфилд верува дека промената во начинот на живот и рутината имаат големо влијание. Кога мажот ќе го добие своето прво дете, семејството станува приоритет. Со самото тоа добива нови обврски и поинакви навики, што многу често го прекинуваат одењето во теретана или грижата околу исхраната.
Интересно е дека и оние мажи кои не живеат со своите деца, добиваат неколку килограми, но не за толку брз период.
Оваа студија има за цел и да ги предупреди мажите и да им укаже на штетноста на вишокот на килограми по здравјето. Тоа може да доведе до висок холестерол, срцеви заболувања и слични состојби.