
Играњето со топка го поттикнува развојот на мозокот кај децата
Од тркалање до шутирањето, игрите со топка се одличен извор на забава и што е најважно во целиот процес има многу учење.
Играчките стануваат се поскапи и технолошки понапредни, една играчка, популарна од многу одамна, не престанала да биде центар на интересирањето и извор на забава: во прашање е нејзиното височество – топката. Сигурно се сеќавате на изразот на лицето на вашето дете кога прв пат ја видело и ја допрело топката. Можеби фудбалската топка станала негов неразделен другар.
Играњето со топка може да изгледа како наивна и опуштена активност, секој пат кога се тркала, шутира или пробува да ја фрли и фати, вашето дете стекнува вредни вештини кои ќе го стимулираат неговиот развој.
Звучи неверојатно, но во играта со топка има многу процеси – од решавање на проблеми, совладување на вештините на комуникација, до развивање на координацијата око – рака и рамнотежа.
Кога бебињата и децата секојдневно играат со топка, тие имаат прилика да вежбаат и да ја развиваат крупната моторика, стабилност и координација. Еве на кој начин на детето можете да му дадете поддршка…
Трикови за времето кое бебето го поминува на стомак
Бебињата се природно фасцинирани од објектите кои се вртат во круг. Затоа на своето бебе, додека поминува време на стомак, можете да му покажувате и пред него да ја тркалате топката. Ќе забележите како бебето со повеќе волја и желба ја извиткува и ја подигнува главата, со што ќе ги зајакне мускулите на вратот и телото.
Од најраната возраст вашето бебе ќе научи како да ги следи објектите кои се движат и тоа ќе му ја развие перцепцијата за длабочина, разбирање на времето и координацијата око – рака. Затоа, секогаш кога ќе ви се укаже прилика, додека бебето лежи на стомаче, лесно тркалајте ја топката од едниот до другиот крај на креветот. Водете грижа бебето да може да го прати вашето темпо за да остане мотивирано.
Тркалајте ја заедно
Кога вашето дете ќе биде во состојба самостојно да седи со раширени нозе (околу шестиот месец), можете да почнете да ја тркалате топката до него. Во почеток топката треба да биде голема и на дување, за детето да биде во состојба да ја тркала. Кога играте на овој начин, го забрзувате развивањето на социјалните и комуникативните вештини, затоа што ваквото додавање е како една врста разговор. Секој пат кога ќе ја добиете топката, кажете нешто како: “Здраво убавино…” или ”Моја си!”, на тој начин ќе ја поттикнете социјалната интеракција.
Линија
Бебињата уживаа да ја држат топката во раце, а помеѓу шестиот и осмиот месец ќе бидат во состојба помалата топка да ја префрлат од една во друга рака. Оваа репетитивна активност можеби ќе ви делува досадно, но таа му помага на детето да стигне до една од пресвртниците во развојот -до преминување на средната линија на телото. Тоа е моментот кога детето почнува да ги движи своите раце и нозе од едната на другата страна на телото (да ја поминува средната линија на телото). На тој начин се воспоставуваат врска помеѓу различни делови на мозокот, што учењето го прави поефикасно. Ова е витална вежба за воспоставување комуникативни канали во мозокот и многу важна за развивање на свеста за сопственото тело и развојот на мускулите.
Фрлањето е важно
Фрлањето е вештина која го потикнува развивањето на крупната моторика. Меѓутоа, пред детето да го совлада, ќе има доста обиди кои ќе се завршуваат со испуштање на топката. Првиот пат кога ќе успее да ја фрли, тоа ќе биде случајно (затоа немојте да се изненадите ако следните десет обиди пак завршат со паѓање на топката). За оваа вештина да се совлада, ќе биде потребно детето да се поттикнува и охрабрува. Помеѓу деветиот и дванаесетиот месец тоа ќе може да ја држи топката со двете раце и да ја фрли во еден правец – таа нема да стигне до целта, но секој труд се исплати. До втората година ќе биде во состојба да ја фрли топката преку рамо, но таа пак нема да завршува таму каде што би требало. Попрецизно фрлање ќе биде можно после две и пол години.
Усовршување на фаќањето
Фаќањето ја зајакнува координацијата око – рака, гради самодоверба, сигурност и свест за сопственото тело и му помага на детето да го разбере поимот време.
Во периодот помеѓу деветтиот и дванаесеттиот месец детето ќе може да ја стисне топката до себе. Во најраната возраст тоа ќе го прави со цели раце и нема да може да ја фати топката само со дланките пред наполнети две години (или подоцна) – што ќе зависи од големината и тежината на топката. Затоа фаќањето вежбајте го со голема лесна топка на дување, па постепено смалувајте ја големината а зголемувајте ја тежината. Најголем број од децата ќе го научи фаќањето со двете дланки до третата година.
Почнете да шутирате
Шутирањето на топката со една нога кај вашето дете ја развива рамнотежата и координацијата, вештини кои ќе му помогнат подобро да го контролира телото. Во оној момент кога детето ќе почне стабилно да оди и да трча, можете да почнете со учење. Ставете ја топката пред него и гледајте ги неговите случајни успеси. За дополнителна сигурност, додека ја шутира топката, подајте му ја раката да се држи за неа. Кога потполно ќе ја совлада техниката, време е да продолжи со вежбата без помош.
7 игри со топка за развивање
Сензорно масирање
Изберете неколку топки со различна големина и текстура и лесно на смена тркалајте ги по телото на бебето кога тоа ќе биде разбудено и мирно. Оваа стимулација кај бебето го развива чувството за допир и ја зголемува свеста за сопственото тело во светот кој го опкружува.
Погоди го ѕидот
Седнете покрај детето и фрлете ја топката за да го погоди ѕидот но така што ќе се одбие кај вашето дете. Сигурно е дека и тоа ќе сака да проба тоа да го направи (со многу пробувања и грешки). Додека ве гледа како вие тоа го правите, ќе почне да увидува како треба да фрли за топката да дојде кај вас. Ова е важна лекција за причина и последици, а неговото учење преку пробувањата и грешките ќе биде од голема важност за решавање на проблеми.
Неплански игри
Бидете спремни и во ташната чувајте секогаш неколку балони. Балоните се совршен реквизит за совладување на вештината на фрлање и фаќање, затоа што се многу лесни па со нив и бебето без проблем може да си игра. За играта да биде сигурна преку балоните провлечете памучна заштита и претворете ги во лесна топка, со што ќе го намалите ризикот од пукање и гушење. Оваа играчка може да ја собере и во џеб и секогаш ќе ви биде при рака.
Потпишување
Дајте му можност на вашето дете да вежба тркалање а и да се развива креативно. Ставете разни бои во една чинија, а до неа еден голем лист хартија. Детето нека ја тркала топката по чинијата а потоа по листот. Така ќе направи слика. Сликањето со тркалање ќе му помогне да го совлада принципот на причини и последици, а во исто време и ќе му биде интересно.
Суперсобирач
Дајте му на детето мрежа за риба, истурете малечки топки во разни бои по подот и викнете го да ги собере со мрежата и да ги распореди во кутии кои се означени со боите на топките. На овој начин детето ќе учи да класифицира и да ги разликува боите. Можеби ќе биде поинтересно ако воведете и звуци за погрешно и точно ставена топка.
Предизвици
Кога ќе го научи основното распределување по бои, воведете потешки критериуми. На пример, црвените топки треба да ги собира со лажица, зелените со рака, а плавите со голема кујнска штипка. Дополнително возбудување ќе биде ако го мерите времето со штоперица.
Туркање
Малите деца многу сакаат да ги туркаат работите и затоа вашето дете ќе ужива ако му дадете прилика топката да ја искористи како торпедо. Направете замок од коцки или кула од пластични чаши па викнете го детето да фрла или да ја тркала топката за да ја сруши кулата или замокот. Кога ќе биде поголемо можете да воведете прави чунови за куглање и да се куглате како прави професионалци.