Икањето им помага на бебињата да го регулираат дишењето и важно е за нивниот развој
Поголемиот број на луѓе го сметаат икањето за досадно и непријатно, но станува збор за појава која е многу важна за новороденчињата.
Последното истражување покажува дека икањето им помага на бебињата да го регулираат дишењето и дека има пресудна улога во нивниот развој. Истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) кои го водеа ова истражување набљудуваа 13 новороденчиња и открија дека икањето активира бран на мозочни сигнали кои можат да помогнат во нивниот развој. Лоренцо Фабрици, еден од авторите на ова истражување, вели дека таа активност на мозокот може да им помогне на бебињата да научат да ги контролираат мускулите потребни за дишење, што на крајот резултира со самостојна контрола на дишењето.
Истражувачите не потсетуваат дека фетусите и новороденчињата често икаат. Оваа појава се забележува веќе во 9-тата недела од бременост, а новородените деца секој ден икаат околу 15 минути.
Новороденчињата кои беа вклучени во ова истражување имаа поставени електроди на главите и сензори на телото. Резултатите од истражувањето покажаа дека контракциите во бебешката дијафрагма создадоа три мозочни бранови, а се верува дека по пат на третиот бран децата можат да го поврзат икањето со физичката контракција која ја чувствуваат.
Кимберли Вајтхед која го водеше ова истражување, за CNN кажа дека не е познато дали икањето има предности и кај возрасните личности.