ИНТЕРЕСНО: КАКО ДЕЦАТА ГО РАЗБИРААТ ПОИМОТ ЗА ВРЕМЕ
Поимот за време е многу потешка задача отколку да се совлада значењето на просторот. Меѓутоа, времето и просторот меѓусебно се поврзани, бидејќи сите предмети постојат и во просторот и во времето.
Едногодишното дете почнува да разбира што значи зборот овде и таму. Овде е нешто што е достапно, блиску, а таму означува нешто што не е на дофат на раката.
На возраст од една до две години децата сфаќаат што значи сега. Тоа личи на овде, а малку подоцна ќе му се разјасни дека наскоро личи на таму, односно не за многу долго време.
Двегодишното дете добро се ориентира во времето, но не според утврдени временски одредници (минута,час), туку според настаните. Времето за станување значи дека е утро, вечерата ќе ја означува вечерта, а одењето во кревет значи дека веќе се стемнило. Поради тоа ако на детето му кажете почекај малку, тоа ништо нема да му значи, затоа што за него да чека значи дека ништо не треба да работи, што во негов случај е невозможна мисија. Поради тоа, на детето не треба да му се обраќате со временски одредници, туку со реченици како на пример: “Сега мама ќе ги измие садовите, па потоа ќе одиме да шетаме” или “прво ќе ги собереме играчките, па потоа ќе вечераме”.
Деновите во неделата на двегодишно дете ништо не му значат, како ни часовите, деновите и месеците. На возраст од три години му стануваат јасни поимите како вчера, денес и утре. Правото време за да се научи да гледа на часовник е кога ќе наполни четири години, меѓутоа на возраст од седум години детето стекнува право чувство за време.
Децата од предшколска возраст се ориентираат во времето на основа на секојдневните показатели и природните појави, па така утрото го означува светлоста, излегување на сонцето, ден, а вечерта заоѓањето на сонцето и темнината.
Децата долго време не можат да го разберат објективно движењето на времето, кое е независно од нас, па поради тоа често правилно го користат зборот за време, но не го разбираат неговото значење.
Најбрзо го сваќаат поимот за сегашно време, додека најкомплицирано им е да го сфатат минатото време. За да им стане јасно како времето тече, играјте со нив едноставна игра. Замислете одредена работа и барајте од нив да проценат колку време трае. На пример, замолете ги да ви кажат колку долго трае црвеното светло на семафорот, купувањето во маркетот или патувањето на море.
Предложете му да спореди 10 минути поминато на игралиште со исто време поминато на лекар, а потоа објаснете му ја разликата: дека кога нешто е интересно, времето побрзо поминува, а кога од нешто се плашиме, тогаш времето многу побавно поминува.