
Јана Бурческа – Предизвикот да станам мајка го прифатив со раширени раце
Сигурни сме дека се сеќавате на почетоците на Јана Бурческа и нејзиното учество на Македонски идол каде заврши на петото место. Во 2017 година ја претставуваше Македонија на Евровизија со песната Dance Alone. За време на Евровизијата беше запоросена од нејзиното момче Александар со кој денес имаат прекрасна ќеркичка која се вика Дона. Дона на 11 Октомври ќе полни една година. Што оваа прекрасна млада мајка ни сподели за мајчинството прочитајте во продолжение.
Babyshop.mk Од неодамна ја доби и улогата на мајка, како Јана се снајде во една од најтешките а истовремено и најубавата улога во животот?
Јана – Предизвикот го прифатив со раширени раце. Она што најмногу ми помогна да се справам со оваа нова улога е мојата отвореност кон совети од блиски луѓе кои веќе се реализирале како родители, се разбира во прв ред беа моите родители, па дури и бабите и дедовците, а ми помогнаа многу и пријателите. Првите месеци беа потешки, но и многу слатки, дури и просветлувачки. Сега веќе ги научивме сите трикови и магии на родителството, а тоа најубаво се гледа по насмевката и витките на Дона, секако. 🙂

Babyshop.mk Најчесто за мајчинството од нашите најблиски ги слушаме само убавите работи, но ретко или никогаш на мајките не им се кажува реалноста за тоа колку истото може да биде тешко. Што е она што тебе ти е најтешко од мајчинството?
Јана- Мислам дека “најтешко” не е најсоодветниот збор, но она што беше најoverwhelming ми беше соочувањето со фактот дека тоа мало човече зависи од мене и само од мене, без сите може, но без мене не може. За прв пат во животот бев од круцијална важност за некого и оваа одговорност и те како ми ги помести границите.

Babyshop.mk Обично жените имаат проблем да ги вратат килограмите после бременоста, како Јана успеа да одржи толку тенка линија?
Јана- Ова мислам дека е комбинација од генетски предиспозиции и метаболизам. Голема улога одигра и доењето, за што неодамна прочитав дека согорува дури и до 800 калории дневно. Уште еден фактор е тоа што во нашиот дом квалитетната исхрана е еден од приоритетите.
Babyshop.mk Дали твојата прекрасна ќерќичка е повеќе мамина или татина маза?
Јана – Татина маза, без конкуренција. 😀
Babyshop.mk Колку дечиња би сакалe да имате со сопругот?
Јана- Би сакале Дона да има друштво, значи сигурно повеќе од едно. Јас пораснав во семејство со три деца и таа констелација ми се чини најидеална. Сопругот верувам дека ќе се согласи. Но, здравје. 🙂

Babyshop.mk Што Јана ќе им препорача на сите идни мајки, што да очекуваат од мајчинството?
Јана- За сите идни мајки би сакала да потенцирам дека секоја мајка и секое дете се различни. Слушајте си го телото, слушајте си го бебето, иако не зборуваат, имаат начин како да покажат што сакаат, што им треба или што им фали. Прифаќајте совети и мислења, но не ги третирајте како факти. Моето искуство е едно, вашето можеби е идентично, но може да биде и целосно различно и тоа е во ред!
Babyshop.mk Освен улогата на мајка, од неодамна можеме да те гледаме и во улога на водителка. Дел си од водителската екипа на Stisni Play на Македонската радио телевизија. Колку водителството те исполнува и како се снаоѓаш?
Јана – Уживам во водителството. Работам со прекрасен тим, имам одлични ментори, луѓе од кои многу учам. Сметам дека добро се снаоѓам, но сепак сум почетник и треба многу да работам за да можам да употребам поголеми епитети за себе. 🙂

Babyshop.mk Како постигнуваш се? Музика, водителство, дете, сопруг, успеваш ли да најдеш време за себе?
Јана- Многу сум среќна што работните обврски ми се добро распоредени да имам време за домот и за себе. Се разбира кога ангажманите се поинтензивни од клучно значење е помошта околу Дона која ја добивам од сопругот и моите родители. Бидејќи Дона оди во градинка, најчесто утрата ги користам да направам нешто што ме исполнува, да прочитам нешто или еве вака, да одговорам некое убаво интервју.