
Како да го препознаете излегувањето на бебешките запчиња
Периодот кога на бебето почнуваат да му излегуваат запчиња за родителите претставува испит за издржливост, трпение и грижа. Малечкото можеби за прв пат во животот ќе почувствува болка, поради што ќе стане раздразливо, немирно и плачливо. Затоа ќе му биде потребно малку повеќе нежност и внимание.
Повеќето од искусните мајки овие показатели ги наведуваат како најизразени:
-зацрвенети образи обично се првиот знак дека запчињата почнуваат да излегуваат;
-бебето почнува се да џвака – својата рака, вашата брадавица, секоја играчка и сите работи кои ќе ги дофати;
-зголемено лачење на плунка и лигавење;
-болни, воспалени непца;
-плачливост;
-губење на апетитот;
Некои симптоми, како што се нервозата, лигавењето, гризењето, плачливоста, отечените непца се поврзуваат со излегувањето на запчињата. Меѓутоа, зголемената температура, проливот и повраќањето тешко дека можат да бидат симптоми за излегување на запчиња. Ако се појават во текот на излегувањето на запчињата, родителите погрешно ги препишуваат кон тоа, па не се консултираат со лекар.
Треба да знаете дека имунитетот на бебето во овој период е ослабен, затоа што полека престанува заштитата која ја добива преку мајчиното млеко.
Поради тоа е подложно на разни инфекции чии симптоми не треба да се мешаат со тешкотиите при излегувањето на запчињата.