Како да се изборите со мачнините во бременоста
Иако не можат да се спречат, мачнините во бременоста можат да се ублажат на повеќе начини.
Мачнините најчесто ја пратат бременоста и тоа го знаат сите жени. Тие се последица на зголеменото ниво на естроген и прогестерон, што кај трудниците може да предизвика мачнини, па дури и повраќање. Иако се нарекуваат утрински овие мачнини можат да се јават во било кој период од денот.
Мачнините во бременоста можат да траат и во тек на целиот прв триместар – до 14-тата недела од бременоста, а не е реткост да се вратат и подоцна. Не постои правило – поради што кај некои жени доаѓа до мачнини, додека пак некои жени не ги чувствуваат, но затоа постојат одредени правила кои можат да доведат до подобрување на состојбата – барем кога се во прашање мачнините.
Како да се изборите со мачнините во текот на бременоста на природен начин?
Еден од првите совети секако е промената во исхраната – па препорака на стручните лица е трудниците кои патат од мачнини да јадат повеќе пати во текот на денот, но помала количина на храна. На овој начин желудникот нема да биде оптоварен и храната побрзо ќе се свари – што ќе ги намали шансите за мачнини пропратени со повраќање.
Избегнувајте храна која е многу зачинета, пржена и масна, таканаречена нездрава храна. Исто така, празниот стомак може да предизвика мачнини, што е една од причината да јадете почесто но помали оброци.
За полесно варење се препорачува конзумирање на течности дури 30 – 40 минути по оброкот. Често минералната вода е добар избор, затоа што помага за подобро и побрзо варење на храната и го спречува чувството на “тежок” стомак. Освен тоа, чајот од нане или ѓумбирот исто така го смируваат желудникот – без оглед на тоа кога сте јаделе.
За да ги спречите или ублажите мачнините – немојте брзо да станувате од лежечка положба или воопшто немојте да правите брзи движења од кои може да ви се заврти во главата. Ова особено важи за утринските часови, кога се препорачува пред да го напуштите креветот да изедете малку леб или суви бисквити како би сте ја ублажиле киселината од желудникот која може да предизвика мачнина веднаш на почетокот на денот. Ова се случува затоа што во текот на ноќта се лачи желудочна киселина која не се троши – затоа што тогаш ништо не јадеме.
Како што одредени мириси можат да доведат до мачнина, така за некои се смета дека се лековити. Многу трудници во мирисот на лимон го пронајдоа својот лек против мачнината, па затоа се препорачуваат етерични масла, лимон или свеќи со овој мирис – доколку и вам тоа ви помага.
Покрај различните начини да ја смените исхраната, против мачнините во бременоста помага и физичката активност. Овде зборуваме за лесна јога или пилатес вежби кои се препорачуваат за трудници, но и прошетки на свеж воздух кои сигурно благотворно ќе влијаат на вашето здравје.