Како сами да направите магнети за фрижидер а сепак да го зачувате споменот од патувањето
Речиси секој од нас од патувањето сака да донесе магнети за фрижидер кој долго време ќе не потсетуваат на летувањето и патувањето. Меѓутоа, ако од летувањето донесете камчиња од плажа, која особено децата сакаат да ги собираат, со малку имагинација и материјали што веќе вашите деца ги имаат, можете да направите вистинска декорација за фрижидерот кој може да послужи и како подарок.
Потребно е:
– камчиња од плажа со различни големини
– акрилна боја или темпера
– сад каде ќе ги мешате боите
– тенки четки за нанесување боја
– безбоен лак за нокти
– супер лепак
– магнети
Најдобро е да се користи акрилна боја затоа што добро се задржува и нема да се размачка кога ќе го нанесете лакот. Меѓутоа, исто така, може да ви послужат и темперите или фломастери. Дозволете им на децата сами да цртаат слики што ќе ги потсетува на нивниот летен одмор.
Кога боите добро ќе се исушат, поминете преку нив со брзи движења со безбоен лак за нокти, за да сликата остане постојана. Откако ќе се исуши и лакот, со супер лепак спојте го магнетот со насликаното камче. Кога и лапакот добро ќе се исуши, распоредете ги новите украси на фрижидерот.