Кога е вистинското време за бебето да лежи на стомак
Лежењето на грб е првата положба со која се сретнува новороденчето. Дознајте кога е вистинското време за вашето бебе да лежи на стомак.
Најчесто родителите се плашат од гушење на бебето. Многу од родителите мислат дека кога ќе го стават бебето на стомак и кога тоа ќе ја почувствува тврдата подлога ќе изгуби воздух. Затоа положбата лежење на грб е положба која ја применуваат многу долго. Мили родители, не се грижете, нема причина за грижа, а уште помалку за паника.
Ниеден родител нема да го остави бебето само додека лежи на стомак. Значи, кога ќе одлучите да го ставите бебето на стомак, ќе бидете покрај него, ќе ги гледате сите негови движења и ќе направите да му биде удобно. Ако забележите дека вашето бебе негодува, дека не му е удобно или почнува да плаче, вратете го повторно на грб. Тоа значи дека сеуште не е спремно да лежи на стомак.
Значи, правото време за лежење на стомак е она време кога детето само ќе одлучи. Кога тоа време ќе дојде, зависи од повеќе фактори: дали бебето е родено предвреме, дали долго било во инкубатор, дали при породувањето имало компликации, каков е растот и развојот на бебето во првиот месец и многу други работи.
Природата се грижи за децата, тоа никогаш немојте да го заборавите. Еве и зошто: во моментот кога бебето ќе го ставите на стомак, вродениот инстинкт го тера да дише, да се бори за воздух. Затоа во почеток вашето бебе ќе врти со главчето лево десно, барајќи излез. Малку поголемо бебе ќе ги употреби рачињата и ќе проба да се потпре на нив. Тоа е процес кој не можете и не треба да го спречувате.
Некогаш и бебето од два месеци кога ќе го ставите на стомак ќе проба да го подигне главчето, тоа е во ред.
Нема вистински период кога можете да почнете со оваа гимнастика. Бебињата брзо по раѓањето го држат главчето, многу брзо ќе можете да ги ставите на стомак.
Треба да го знаете и тоа дека ако бебето е многу мало (во првите месеци) не треба да го држите многу време на стомак, затоа што тоа за него претставува напор. Мајката и бебето секогаш се поврзани, затоа мајката ќе почувствува кога треба бебето да го сврти од стомак на грб.
Бебето само со своите движења ќе ви каже кога е време повторно да го свртите на грб.
Добрата страна на лежењето на стомак е тоа што бебето така ги зајакнува мускулите не само на грбот туку и на стомакот. За да знаете точно за која група на мускули се работи, можете вежбите да ги испробате на вас.
Совет плус за похрабрите родители:
Кога ќе го ставите вашето бебе на стомак немојте да се откажете уште при првите негови негодувања, пробајте да го оставите да лежи еден краток период. Пуштете го бебето на почеток барем неколку минути само да пронајде решение како ќе лежи. Ако не е вешто во тоа вие сепак оставете го да лежи на стомак, не се откажувајте.