• Нема производи во кошничката.
a
  >  Деца   >  Кога и како да се замени шишето со шолја
Кога и како да се замени шишето со шоља

Кога и како да се замени шишето со шолја

Секое дете на возраст од една година треба да научи да пие од шолја. Шолја со капаче е идеална за учење на оваа вештина….

Замена на шишето со шолја

Во почеток, вашето бебе само цица и со тоа ги задоволува неговите потреби за храна и течност. Меѓутоа, некаде околу шестиот месец, кога ќе почнете да му давате и свежо цедено овошје, вода и разблажени овошни сокови, шишето со цуцла ќе ви биде најпогодно. Кога бебето ќе наполни девет месеци, шишето треба да се замени со шолја, пред се, поради заштита на запчињата на бебето од кариес. Некои дечиња не го вадат шишето од уста ни на две па дури и три години, што никако не е добро.

Каква шолја да се набави?

Шолјата со капаче е пластична шолја со помош на која вашето дете ќе може полесно да научи да пие без цицање. Постојат модели со рачки или без нив, и секоја може да биде со различен облик. Шолјата со капаче е идеален начин да го одвикнете детето од шишенце и да се навикне да пие “како големо”. Нејзина предност е тоа што на капачето има мали отвори (низ кои се цица), кои ќе му помогнат и ќе му го олеснат навикнувањето на шолја-чаша.

Кога да се почне?

Најдобро би било со навикнување на шолја да се отпочне некаде од околу осмиот  месец од животот. Некои деца не сакаат да ја прифатат оваа навика ни на возраст од една година, но сепак, повеќето бебиња учат да пијат од шолја веќе на возраст од десет месеци.

Како да се изведе тоа?

На некои бебиња им е потребно повеќе време да го научат пиењето од шолја, па ако вашето се вбројува во тие, еве неколку совети како да го олесните процесот на учење:

–         Почнете со употреба на шолја со мека цицалка која ќе го потсетува на цуцла-полесно ќе ја прифати отколку таа со пластична.

–         Покажете му на бебето како треба да ја подигне шолјата и како да ја доближи до уста, а при тоа да не се посипе со течноста од неа.

–         Дајте му време. Се додека вашето бебе вежба со шолјата, полнете ја со вода, за да не настрада вашиот килим ако ја фрли и таа се истури.

–         Не се загрижувајте ако вашето бебе не ја прифати шолјата веднаш. Можеби сеуште му се чини дека тоа е само забавна играчка.

–         Менувајте ги моделите на шолји додека не ја пронајдете таа која ќе му се допадне на вашето бебе. Некои од нив имаат и цевче кое го спречува плукањето додека бебето пие.

Што ако детето не сака да ја прифати шолјата?

Бебињата не сакаат да пијат од шолја од многу причини кои им се јасни само на нив. Секако, не постои закон кој кажува дека мора да се пие од неа, но некои научни достигнувања зборуваат во прилог на тоа дека за дете кое има шест запчиња секако е поздраво да ја џвака храната (а не само да ја голта) и да пие од шолја (а не од шише).

Доколку вашето бебе спаѓа во категоријата на оние кои упорно одбиваат шолја, послужете се со мали трикови како на пример:

–         Ако вашето бебе се храни со адаптирано млеко, дадете му само половина оброк од шише, а другата половина од шолја со капаче. Ако не успеете, повторете ја техниката, но овој пат држете го детето во положба како кога го храневте со шише-ќе се чувствува поприродно.

–         Понудете му на бебето сламка. Некои шолји веќе имаат сламка и на некои бебиња тоа им е поедноставна варијанта од користење на цицалката. Ако на вашето дете сламката не му одговара тогаш сигурно со цицалка ќе му биде подобро.

–         Некои деца пијат вода и сок од шолја, но не и млеко-бидејќи млекото бебето го поврзува со мајчините гради или со шишенце, додека сокот, водата и чајот може да стигнат од каде било.

–         Дозволете детето да ве види како пиете од шолја со капаче. Дајте му на постарото дете да пие од шолја со капаче а помалото нека го гледа.