Колку сме далеку во борбата за равноправност кај половите
Најновото истражување кое го спроведе Светската банка откри дека само во шест земји во светот мажите и жените имаат еднакви права. Извештајот е фокусиран на правните и економски права, а иако се чини дека шест е доста мал број, тој е многу поголем од нула колку што беше пред десетина години.
Шест земји со полна равноправност кај половите, кои се изедначија со резултат од 100 на извештајот се: Франција, Белгија, Данска, Летонија, Луксембург и Шведска.
Во извештајот кој се состои од децениски податоци, наведено е дека во изминатата деценија е остварен голем напредок кон правната равноправност кај половите. Сепак во извештајот е утврдено дека просечната оцена од 100 е 74,71, што значи дека жените добиваат само три четвртини од правата кои ги добиваат мажите.
Земјите со најниски резултати се Катар, Иран, Судан, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија – сите со оцени под 35. Соединетите Американски Држави имаат оцена од 83,75, што ги поврзува со Бахами, Малави и Кенија.
Извештајот ги набљудуваше факторите во категории како што се: патувања, започнување на бизнис, примање на плата, основање на брак, основање на фамилија, водење на бизнис, управување со имот и добивање на пензија. Три фактори беа клучни за покажување на тоа дали сите категории се еднакви за жените и за мажите.
Она што ја донесе оцената за Соединетите Американски Држави е оцената за основање на фамилија која е 20 од 100.
Целта на оваа студија е да развие подобро разбирање за тоа како вработувањето на жени и претприемништвото влијаат на законската дискриминација. Таа не вклучуваше културни и друштвени фактори, ниту анализа за тоа како законите се спроведувани.