Мачнина во текот на бременоста
Совети како да го намалите чувството на мачнина
Дали сите бремени жени имаат мачнина на почетокот на бременоста?
Не сите, но повеќето, за жал да. Сите мислат дека овој проблем се јавува само рано наутро, но бремените жени знаат дека тоа не е вистина, затоа што може да се случи да имаат мачнина преку целиот ден, па и навечер. Кај некои таа состојба е ограничена на повремени чувства кои не сметаат многу, а кај некои се комплицира со повраќање кое може да биде од време на време, или да се влоши толку да има потреба од сместување во болница и надополнување на течности.
Што е причина за мачнините и повраќањето на почетокот на бременоста?
Не се знае точно причината за мачнината и повраќањето, но се смета дека овие тешкотии се поврзани со хормоналните промени и може да почнат веќе околу петтата или шестата недела, а траат до 14-тата недела, но ретко може да се продолжат и до крајот на бременоста.
Дали е опасно ако се повраќа?
Не, но ако повраќате четири до пет пати на ден, не внесувате храна и вода, губите во тежина и помалку мокрите, тогаш може да биде опасно затоа што може да дехидрирате. Во тој случај, треба да се јавите кај вашиот лекар кој ќе процени дали треба да лежите во болница, за да се надоместат течностите преку инфузија со витамини.
Што да правам кога имам мачнина?
Нема начин да ја спречите мачнината и повраќањето, ама можете да го смалите интензитетот на мачнините така што ќе јадете помали оброци почесто, нема да јадете зачинета храна и храна која има интензивен мирис. Треба да пиете многу течности и пробајте да појадувате пред да станете од кревет. Станувајте од лежечка положба побавно, немојте да правите брзи движења. Избегнувајте напитоци со кофеин и алкохол, немојте да пушите и избегнувајте простории во кои се пуши. Ако не можете да јадете храна, пребродете ја кризата со по некоја соленка, солен бисквит или со тост лепче. Поминувајте многу време на свеж воздух, шетајте умерено. Некогаш и витамините, кои се посебно направени за бремени жени, можат да предизвикаат мачнина, затоа земајте ги со некоја лесна храна. Грозјето ако го јадете на празен стомак може да ви направи проблем, затоа избегнувајте го.
Пробувам да ја намалам мачнината и повраќањето и ништо не ми помага. Што да правам?
Секако за тоа известете го вашиот лекар – особено ако многу обилно повраќате. Така можете да дехидрирате и да дојде до сериозни пореметувања во вашиот организам, затоа мора да реагирате на време.
Покрај измената во исхраната, против утринските мачнини можете да се борите и со други средства. Пробајте со витамин Б6, земајте го три пати дневно по 25 мг, највеќе пет дена.
Сега ѓумбирот и кај нас може лесно да се најде, па пробајте и со него – без разлика дали ќе користите сушен или свеж корен од кој ќе направите чај. Постојат и таблети од ѓумбир, но никако немојте да земате повеќе од 1 грам во четири дневни дози, пет дена. За сето ова најнапред консултирајте се со лекар.