Маститис
Што е маститис?
Маститис е воспаление на градите, најчесто предизвикано од инфекција. Може да и се случи на секоја жена, иако маститисот е најчест во текот на првите 6 месеци од доењето на бебето. Може многу лесно да ја обесхрабри новата мајка и да и предизвика нелагодност при доењето.
Уште ако на ова ја додадете и грижата за новороденчето и опоравувањето на самата мајка после породувањето, оваа состојба многу лесно може да ја “убеди” мајката да престане да дои.
Но сепак можете да продолжите да го доите бебето. Во суштина, доењето обично помага инфекцијата да пројде и нема додатно да му наштети на бебето. Иако маститисот може да биде обесхрабрувачки за многу доилки и болен за било која жена, обично се решава многу лесно со земање на соодветни лекови.
Што предизвикува маститис?
Маститисот обично се јавува кога бактериите ќе влезат во дојката низ брадавиците. Обично се случува кога мајката која дои има воспалени или испукани брадавици. Големата пауза помеѓу доењата или непотполното празнење на дојката после подојот може да го поттикне маститисот. Адекватна положба за доење и правилно фаќање на брадавицата во текот на доењето ќе ви помогне да се намалат раните на брадавиците, а со самото тоа ќе се спречи и инфекција.
Симптоми на маститис
Маститисот обично почнува како болен дел од дојката. Може да биде црвенило на тој дел од дојката или топлина на допир. Исто така, може да се појави и температура, треска и болки во другите делови од телото. Знаците дека маститисот се влошува вклучуваат отечени, болни лимфни жлезди во пределот на пазувите покрај инфицираната дојка, забрзан пулс и симптоми слични на грип. Маститисот може да води до гноен чир кој на допир е како болен и тврд чвор.
Што го зголемува ризикот да добиете маститис?
Веројатно ќе добиете маститис додека доите доколку:
– И во минатото сте имале маститис;
– Ги одложувате или ги прескокнувате подоите или не го измолзувате вишокот на млеко од дојката. Кога ги празните дојките редовно и потполно, тие ви стануваат поголеми и преполни со млеко, што води до маститис;
– Имате испукани или иритирани брадавици, што се добива со неправилна положба за доење или со неправилна лактација.
– Имате анемија. Анемијата ќе прави да сте поуморни отколку вообичаено и ќе ја намали отпорноста на организмот да се бори против инфекцијата.
Мајките можат да добијат маститис било кога, но посебно се чувствителни во првите два месеци после породувањето. После два месеци, бебето го усовршува начинот на цицање и празнење на дојките, доењето станува поредовно, што помага во превенција на маститисот.
Како се лечи маститисот?
Антибиотиците најчесто го лечат маститисот. Ако лекарот ви препише антибиотици, користете ги точно како што истиот ви препорачал. Немојте да престанете со антибиотиците ако се чувствувате подобро. Антибиотиците нема да му наштетат на бебето. Ако третманот не помогне веднаш, најверојатно лекарот ќе прати примерок од вашето млеко на анализа, за да установи точно која бактерија ја предизвикала инфекцијата. Можете да си помогнете со чести одмарања, така што ќе го зголемите внесот на течности и со користењето на топли и ладни облоги на болните места.
Пред подојот, држете околу 15 минути топла, мокра облога од платно на болното место на дојката, што ќе го зголеми протокот на млеко низ дојката.Исто така, масажата на болното и оштетено место ќе го зголеми протокот на млеко и ќе ви го олесни доењето. Ова правете го барем три пати во текот на денот. Доењето од инфицираната дојка е безбедно за бебето и ви помага во лечењето на маститисот. Ако почетокот на доењето со инфицирана дојка ви е болен, прво почнете го подојот со здравата дојка. Потоа кога млекото ќе почне да тече од градите, подојте го бебето од инфицираната дојка. Ако дојките ви се премногу испукани и болни за да го доите бебето, користете пумпица за млеко за да ги испразните. Секој пат кога ќе можете да го подоите бебето со инфицираната дојка, користете пумпица. Задолжително лечете го маститисот во раните фази затоа што компликациите тешко се лечат.