МАТИЧНИ КЛЕТКИ – ЛЕК НА ИДНИНА
Матичната клетка е нашата примарна клетка. Од нејзе, кога се формира ембрионот, се формираат и сите други клетки. Ги има во сите органи, но најчесто се зема од коскената срцевина и од крвта од папочната врвца, бидејќи таму се најдостапни и нивната концентрација е најголема.
Во крвта на плацентата, која инаку се фрла, има голем број на млади и витални матични клетки, и затоа најчесто се користат од неа. Земањето е многу едноставно, трае околу минута и пол, целосно е безболно и безопасно и за мајката и за бебето.
Како?
По породувањето, папочната врвца се сече, на бебето му се врзува папокот и се носи на капење и повивање . Од папочната врвца со игла , под сила на земјината тежина, се отстранува крвта од плацентата, која потоа се фрла во канта.
Матичните клетки имаат неверојатен потенцијал да делат и да создаваат нови видови на клетки во организмот. Освен што го градат, тие ни служат во текот на целиот живот за регенерација на целиот организам. Кога матичната клетка ќе се подели, таа од почеток создава нови клетки и има фасцинантна можност за диференцијација во клетките кои имаат специјализирана функција и можат да станат мозочни клетки, мускулни, бубрежни,клетки на рожницата ,крвта…
Постојат три типа на матични клетки
Ембрионални, неонатални и адултни.
Ембрионални
Ембрионалните клетки се користат во лабораториите како средство за истражување и подобро разбирање на природниот развој на клетката како и за терапевтски цели. Поради контроверзноста околу собирањето на ембрионалните матични клетки, во повеќето земји во светот терапија со овие клетки не е дозволена.
Неонатални
Матичните клетки земени од крвта од папочна врвца се млади и помалку одредени. Овој тип на клетки има неверојатна способност да се конвертира во околу 200 различни типови на клетки. Исто така, тие имаат повисок потенцијал за поделба од возрасните матични клетки.
Адултни – возрасни
Како човечкиот организам старее, така матичните клетки се повеќе се специјализираат. Ова значи дека тие стануваат одредени, што им го намалува потенцијалот за конвертирање во голем број различни типови на клетки. Овие клетки обично можат да го регенерираат органот во кој се наоѓаат.
Матичните клетки постојат во многу видови ткива на возрасните, а нивната највисока концентрација во телото на возрасен е во коскената срцевина и крвта. Меѓутоа, со текот на времето, клетките од нашето тело ја губат виталноста и дејството им е послабо, бидејќи тие стареат заедно со нас. Затоа, и по бројни истражувања, експертите нашле начин да ја зачуваат виталноста на овие толку важни клетки. Имено, научниците и лекарите откриле дека голем број на матични клетки се наоѓаат во крвта на папочната врвца на новороденчето. Овие клетки се многу млади и витални, а постапката на нивно земање е многу леснз и безболна. Најважно е тоа што со специјална техника може да се замрзнат и подоцна да се користат за третман на самиот донатор или некој друг.