Миење на заби кај деца/бебиња
Додека на бебето не му пораснал ниту еден заб, хигиена најдобро се прави пребришувајќи ги непцата со парче стерилна газа (5х5 см) замотана околу показалецот и натопена во физиолошки раствор. По појавувањето на првите заби, обично во петтиот/шестиот месец, потребно е да се отпочне со миење на запчињата, тогаш се почнува со користење на мала мека четка за бебиња. Главни актери во чинот на четкање на забите се родителите. До две години, забите се мијат еднаш дневно без паста за заби, после првата година, односно кога бебето ќе научи да плука течност се почнува со користење на мала количина блага детска паста. Таа не е штетна дури и ако детето ја проголта.
Како детето расте, почнува да седи, ќе прооди и ќе почне да јаде самостојно или со помош на родителите, посложена и храна богата со шеќери, тогаш е важно забите да се мијат два пати на ден, со тоа се заштитува глеѓта на забите од можни оштетувања. После првата година детето треба само низ игра да ги мие забите, со надзор, контрола и асистенција од родителите. Хигиената на устата и забите е многу важна за првите млечни заби, затоа што само со хигиена може да се сочуваат да бидат здрави додека не изникнат сталните заби.
Млечните заби кај бебето се исто важни како и трајните заби кај возрасните. Тие на бебињата им помагаат да џвакаат цврста храна како и при зборувањето. За смирување на надразнетите непца може да се користат глодалки, ѓердани од килибар, како и разни гелови на база на лидокаин кои ги анестезираат непцата и ја смалуваат иритацијата при излегување на забите.
Дали ѓерданите од килибар се ефикасни, многу го доведуваат тоа во прашање. Некои родители ги користат и ги сметаат за ефикасни. Повеќето медицински стручни лица не ги препорачуваат од безбедносни причини. Ако ги користите задолжително консултирајте се со лекар. Потребно е да се води сметка при изборот, како да се закачат, колкава ќе биде должината, во спротивно може да има проблем кој може да биде фатален за бебето.
Многу подобри од нив се геловите за непца. Тие содржат локален анестетик лидокаин во ниска концентрација, а можат да содржат и благи билни антисептици (екстракт од камилица). Се користат неколку пати во текот на денот, најдобро после хранење и пред спиење.
Се нанесуваат во мала количина така што се втриваат на болната површина на непцата, а никогаш не се користат кај деца помали од три месеци.
Глодалките за бебиња постојат многу одамна. Порано се користеле глодалки од корали, восочни свеќи и сладок корен. Кон крајот на 19-от век настануваат првите глодалки од гума.
Глодалките се најдобри затоа што со глодање се поттикнува и забрзува излегувањето на забите. Најдобри се оние глодалки кои ладат, затоа што познато е дека ниската температура ја намалува болката при излегување на запчињата.
Сите глодалки мораат да бидат тестирани, од одредени производители на бебешка опрема, не смеат да бидат оштетени затоа што можат да ги повредат непцата на детето. Тие се перат пред и после употреба и се бираат во склад со возраста на детето.