Мојот пораѓај! За некого неизмерна среќа, за мене неочекувана болка
Беше сабота, јас тукушто влезена во 33та недела од бременоста. Во текот на целата бременост се беше нормално се додека не влегов во 8ми месец.
Само една недела претходно завршив во болница со огромни породилни болки. Ми дадоа веднаш терапија за зреење на детето. Но во себе цело време си велев, не нема сега да се породам, нема да дозволам, рано е, детето не е доволно зрело, имаше само 1 кг и 700 грама.
И, после два дена си дојдов дома си смирени контракции. Ми рекоа да одмарам цело време за да не предизвикам од било која причина да ми се случи истото.. Но траеше само една недела..
Лежејќи дома од еднаш осетив дека цел млаз на вода искочи од мене… ме фати тотална паника, знаев дека е пукнат водењакот, знаев дека овој пат нема назад, ќе мора да ме породат.
Бев преплашена, несакав да верувам дека ова ми се случува толку рано, не сакав да верувам во ништо. Почнаа и болките за пораѓај но тоа беше најмалку болното за мене во моментот.
Ме примија во болница и почнаа да ме спремаат за природен пораѓај, бев отворена некои 5 сантиметри. Ми ставија епидурална анестезија и само по неколку минути дојде докторката да провери до кај сум, но ситуација се промени. Рече, спремајте ја одма за царски! Плодовата вода ми станала зелена, што било лош знак за детето. Се искакало во меѓувреме, мораа итно да го извадат за да не се напие од истата.
Јас избезумена дополнително, незнам што ми се случува, плачам не прекинато.. што ради детето, што ради царскиот пораѓај од кој бев исплашена уште повеќе.
Веднаш ме однесоа во сала ме сместија, но анестезијата сеуште немаше ни време да почне да делува, а они немаа време да чекаат за да го извадат детето. Паника на сите страни! Мислев дека сонувам… ми ја појачаа веднаш анестезијата но они мораше да почна со процесот.. почнаа да ме влечат да го извадат детето, јас без воздух од болка, зошто нели требаше време додека да ми делува анестезијата. Викав на цел глас дека ме боли… само ми велеа смири се те молам смири се, сега ќе го извадиме.
Траеше само можеби минута време, но таа болка и тој шок секогаш ќе остане врежан во мене.!
Го извадија детето но не слушнав да плаче, почнав веднаш да прашувам зошто не плаче зошто, препрлашена дека нешто не е во ред. И ете го заплака, камен од срце ми падна.. за само неколку секунди веднаш бев успиена, не успеав ни да го погледнам бебето кое го родив.
Се будам во шок соба, и викам каде е детето, како е?
Дојдоа да ме смират, да ми кажат дека е добро, но дека ќе мора да биде во инкубатор. Се родило 1килограм и 860 грама а само 45 сантиметри.
Плачев, не можев да престанам да плачам.. ми кажаа дека ќе можам да го видам детето што успеам да станам од кревет после царскиот пораѓај.. знаев дека тоа е дури наредниот ден, како да спијам , како да се смирам се прашував… чувствувам преголема болка во мене..
Пробав да станам наредниот ден, но не успеав, премногу низок притосокот само што не сум се онесвестила…
По само два дена конечно го видов мојот син, мал безпомошен на инфузија и со малку кислород на него.. Од една страна ми олесни го видов, но од друга страна неопислива болка во градите..
Ме известуваа дека паѓа во тежина не ја прима храната убаво, бев ужаснеста, распарчена на сто парчиња..
Дојде и денот да си одам, си викав.. како, како да си одам без детето кое го родив, немаше ништо на светов што можеше да ме утеши..
Утре дента првата добра вест, почнало да прима храна… неизмерна среќа, камен од срце ми падна, не можам да ја опишам среќата која ја чувствувам…
Сега само останува да се молам да остане добро и што побрзо да си дојде дома.. да го гушкам и бакнувам во моите раце… мојот син.
Но како велат, надежта последна умира. Сега главна преокупација ми е млекото, постојано стимулирам да ми дојде и да го хранат со моето млехо.. но мајки не губам надеж… морам да бидам позитивна и да продолжам понатаму со ладна глава и да верувам дека за кратко време ќе бидам заедно со моето мало но најпрекрасно дете на светото!