Оброците, времето пред екраните, спиењето – што се влијае на гојазноста кај децата
Најновите истражувања покажаа дека децата кои се придржуваат на рутината подоцна во животот имаат подобра линија и се поздрави.
Новото истражување откри дека трите главни причини за гојазност кај децата се неконзистентните оброци, времето поминато пред телевизор или компјутер и она најважното – спиењето.
Истражувањето објавено во меѓународниот научен магазин за гојазност покажа колку придржувањето на дневната рутина може да влијае на тежината кај децата. Под рутина се подразбира земањето на главните оброци во исто време, контрола на времето кое децата го поминуваат пред телевизор или пред компјутер, но и времето кое го поминуваат спиејќи.
Научниците ги набљудувале навиките на 11 илјади деца родени помеѓу 2001 и 2002 година во Велика Британија. Она што е потврдено е дека децата кои се придржуваат до рутината во наведените ставки се до тинејџерските денови имаат подобра линија и многу се поздрави.
Земајќи го тоа во предвид, истражувачите веруваат дека клучот лежи во едукацијата на децата за тоа како се оддржува психичкото и физичкото здравје.
Еден од загрижувачките податоци од истражувањето е тоа дека кај децата постари од 3 години дури 59% немаат дефинирано време за спиење, а речиси половина од испитаните немаат редовни оброци.
Кога повторно се испитани на 11 години, 6% од децата се гојазни, и тоа главно оние кои немале дефинирана рутина и кои спиеле помалку.
“Сонот е многу важен за развојот на децата”, смета водачот на истражувањето Сара Андерсон, професорка на Универзитетот во Охајо за јавно здравство. Иако има уште многу нејаснотии за влијанието на сонот врз метаболизмот, истражувањата пронајдоа повеќе врски помеѓу гојазноста и лошиот сон.
Спрема американската академија на педијатри, децата на возраст од 3 до 5 години мораат да имаат од 10 до 13 часа сон во текот на еден ден. Обезбедувањето на оваа количина на сон во редовни интервали е еден од најважните фактори за зголемување на шансите за здрав живот во подоцнежните години.