Oрална кандидијаза (соор)
Соор (орална кандидијаза) е габична инфекција на усната шуплина која многу често се јавува кај новороденчињата и бебињата на слузокожата на устата и на јазикот. Може многу лесно да се воочи како мали бели наслаги кои личат на остатоци од млеко распространети на јазикот на бебето, непцата, односно низ целата усна шуплина.
Причини за појава на соор
Инфекцијата може да се појави при минување на бебето низ родилниот канал, за време на хранење со недоволно чист прибор, лечење со антибиотици – односно кај деца со намален имунитет, ставање на нечисти предмети и прибор за јадење во уста и др.
Ако инфекцијата не се лечи навремено, од првобитно благата форма, може да предизвика потешкотии при цицањето и голтањето, болна надразнетост на слузницата на усната шуплина, а како последица на истото може да се јават потешкотии при доењето, вознемирено цицање, па дури и одбивање на дојките што резултира со намалено добивање на телесна маса.
Во суштина соор се лекува лесно со локална употреба на одредени капки доколку така одлучи педијатарот, а лекувањето е поуспешно доколку пред соодветниот лек наслагите се поминат со стерилна газа натопена во превриена вода во која има растворено сода бикарбона.