Овие преслатки четири девојчиња заедно го преброделе ракот
Четири девојчиња кои заедно се бореле против ракот во детската болница Џон Хопкинс на Флорида повторно се обединиле на почетокот на септември, а нивната средба е одбележана со една преубава фотографија.
-Сите беа на терапија кога првпат ги фотографиравме. Неверојатно е да се види колку далеку стигнаа од моментот кога беа мали келави бебиња – рече Алисон Луцијано, на чија ќеркичка Ава и била дијагностицирана акутна ломфоцитна леукемија, баш како и на нејзините другарки Лорен и Мекинли.
Четвртата членка на нивната мала група, Клои, заболела од редок тип на рак на плуќа отприлика исто време како и они.
Прв пат девојчињата – кои сега имаат помеѓу 4 и 5 години – се фотографирани во болница во септември 2016, сите во розеви облеки. Брзо се спријателиле за време на терапиите за во септември 2017 повторно да се сретнат за посебна фотографија, овојпат во маички со позитивни пораки. Сега, откако ја победиле болеста, повторно се фотографирале девојчињата, меѓутоа со златни здолништа и маички со натпис ПРЕЖИВЕАВ.
-Завршивме со ова. Ѕвонеше со ѕвоно минатиот понеделник за да означи крај на терапијата – вели мајката на Лорен.
Карен Мур, мајката на Мекинли, потенцирала дека и самите родители се охрабриле кога сфатиле дека не се сами.
-Кога имате друга мајка со која можете да се поврзете, тоа е прекрасно – истакнала, пренесува Фокс Њус.
Родителите планираат да се сретнат повторно следната година во септември, месецот посветен на ширење на свеста за ракот кај децата, за да направат нови фотографии и да го проследат опоравувањето на своите девојчиња.