План за спиење кој секогаш успева
Можеби само ќе одмавнете со рака и ќе кажете дека нема шанси, но ништо не ве чини да пробате, зар не?
Придржувајте се кон овој план и после пет, шест дена ќе видите дека вашето дете ќе се смири и ќе го прифати.
Еве го планот:
18,30 часот
Тишина
Спуштете ги завесите, светлото нека биде пригушено и во куќата нека владее тишина. Избегнувајте играње и гледање телевизија. На овој начин бебето го учите дека денот се ближи кон крајот, а поголемите деца дека се ближи времето за спиење.
19 часот
Капење
Топлата вода отпушта и смирува. Тоа се случува поради тоа што после топлото капење температурата на телото паѓа, што претставува поттикнување за излачување на мелатонинот, хормонот на сонот. После топлото капење детето е многу полесно да се успие.
19,30 часот
Преслекување
Детето немојте да го преслекувате во многу осветлена просторија, во кои се случуваат и некои други активности. Направете го тоа во спалната соба, каде што светлото ќе биде придушено. Во спротивно ефектот од топлата вода ќе го снема, затоа што ако детето види дека околу него нешто се случува, повторно ќе се расони.
20 часот
Хранење
Ако имате бебе, доете го додека е уште будно и немојте да дозволите да заспие на вашите гради. Кога детето е полузаспано (и сито), многу поцврсто ќе заспие отколку ако заспие при хранењето (во тој случај, кога ќе го спуштите во креветчето, ќе ги отвори очите и ќе почне да плаче). На поголемо дете после преслекување дајте му шејк од банана или каша од интегрални житарки. Овие производи содржат многу триптофин, амино-киселина за која се смета дека се претвара во мелатонин и го подобрува сонот.
20,20 часот
Приказна за лека ноќ
И бебињата кои имаат само неколку месеци сакаат да го слушаат звукот на вашиот глас додека им читате приказна. Читајте со тивок и едноличен тон, затоа што тој делува смирувачки за спиење.
20,40 часот
Мазење
Овде не се мисли на играње и галење, потребна е цврста прегратка, која на детето му порачува дека е сакано и безбедно. Спокојното и смирено дете полесно заспива поради лачење на хормонот окситоцин, кој делува на опуштањето и го тера детето побрзо да заспие.
20,50 часот
Во креветче
Ако ја спроведовте целата процедура (и упорно ја повторувате секоја вечер), петтиот – шесттиот ден вашето дете во ова време треба да биде многу поспано. Сега само треба нежно да го спуштите во кревет, да го покриете и останете со него додека не отплови во царството на сонот. Ако тоа не се случи и детето почне да се превртува, пред да почне да плаче, помилувајте го и тивко повторувајте му “мама е тука, мирно спиј“.
Пред полноќ
Ова е идеално време уште еднаш да му дадете да цица на новороденчето за да може да ја преспие цела ноќ. Така ќе можете и вие да отспиете и да се одморите.
Ако има немирен сон
Ако детето почне да се превртува и да негодува во текот на ноќта, немојте веднаш да скокате и да го смирувате детето, почекајте неколку минути. Ако бебето е поголемо од шест месеци може да се успие повторно само. Ако сепак тоа не се случи и детето почне да плаче, смирете го со милување и нежно шепотење. Немојте да го вклучувате светлото, не го земајте бебето во раце и не му давајте храна. Ова се најчестите грешки. Ако го навикнете детето на таков редослед, тешко може да се одвикне од него.