
За правилниот говорен развој зборуваме со логопет Сара Чепишевска
Правилен говорен развој
Разговараме со Сара Чепишевска, логопед, во врска со правилниот развој на говорот кај најмалите.
Сара ја паметиме како дете со кое растевме. Сигурно се сеќавате на “Дајте музика” и песната „Зелката има кошули триста”. Сара денес е мајка на две дечиња, Илина и Дарија, по професија логопед, вработена во ЈЗУ Клиника за детски болести Скопје. Babyshop.mk разговараше со Сара која во продолжениe ни споделува корисни информации за сите родители.
Б.Ш.: Сара, која беше причината да се одлучиш за оваа професија?
Сара: На некои 12-13 години гледав еден француски филм, “8-от ден”. Во филмот глумеа лица со Даунов синдром. Бев фасицнирана од филмот и ја прашав мајка ми дали има факултет на кој се учи за работата со деца и лица со Даунов синдром. Оттогаш знаев дека ќе се запишам на дефектологија. Во текот на студиите интерес ми побуди логопедијата.
Б.Ш.: Дали чувството кое го имаме дека нашето дете разбира се што му зборуваме, е во суштина и добар знак за правилен развој во говорот?
Сара: Секако. Тој сегмент е значаен за разбирањето на говорот, а пропратно и за прозборувањето т.е. зборувањето. Но сепак, детето може сѐ да разбира, а сепак да не зборува. Тогаш родителите треба да побараат стручна помош.
Б.Ш.: Кои можат да бидат причиниte за неправилен говорен развој кај детето?
Сара: Има многу причини поради кои детето може да има забавен, задоцнет, неправилен говорен развој или посебни јазични тешкотии. Но, она што е актуелно во денешницата, претераната употреба на технологиите, е најчестиот фактор за тешкотиите во говорно-јазичниот развој.
Б.Ш.: Може ли да ни споделите некој трик, како да се потикне говорот кај децата?
Сара: Не би рекла дека постојат трикови. Важно е родителите и сите оние кои секојдневно го опкружуваат детето да зборуваат со него, да играат игри, да му пеат песнички, едноставо да бидат добри говорни модели. Сепак, децата од најмала возраст учат по пат на имитација. Затоа ние како родители сме најголемите „поттикнувачи“ на целокупниот правилен развој на детето.
Б.Ш.: Кога треба дечињата да го кажат првото зборче или да почнат да врзуваат реченици?
Сара: Околу 12-от месец треба да се појави првото зборче. Обично кај машките деца може и до 15-от месец. Зборчето не мора да биде правилно изговорено за да означува прв збор. Понекогаш тоа се некои детски кованици кои за нас немаат никакво значење, но за детето означува конкретна работа (на пр. “Бо” за вода). Првата реченица во „телеграфски стил“ т.е. реченица од два збора, најчесто именка и глагол треба да ја очекуваме околу 18-от месец („Мама опа“ – Мамо земи ме во раце, „Сака воа“ – Сакам вода). Сепак, секое дете си има свој индивидуален развој.
Б.Ш.: Како да знаеме дека е право време за да се посети логопед и дали треба да е задолжителен преглед или само доколку се воочи некаков проблем во говорот кај детето од страна на родителите? Што препорачувате Вие?
Сара: Никогаш не е рано за родителотот да го донесе детето на логопед. Секогаш кога родителот се сомнева во нешто, подобро е да направи еден контролен преглед и да добие совети и насоки од логопедот отколку да чека. Тука треба да помогнат и матичните педијатри кои треба да алармираат доколку забележат дека детето има некаков говорно-јазичен проблем. Исто така, доколку има логопеди во секоја градинка би се овозможило рана детекција и дијагностика, а, секако и превенција.
Б.Ш.: На која возраст најчесто се воочуваат проблеми во говорот кај детето?
Сара: Во зависност од проблемот на детето различна е и возраста на која се забележуваат одредени говорни тешкотии. Но доколку доцнат предлингвистичките елементи (гугање, брборење т.е. баблинг) може многу рано да се увиди дека би можело да има задоцнување во говорниот развој. И кога уште во оваа фаза би се правело стимулација на бебето тогаш би се избегнале можните натамошни тешкотии.
Б.Ш.: Како се поставува терапијата во случај на дијагноза, дали е потребен само логопед или пак е потребно да се вклучат повеќе доктори?
Сара: Зависи за што станува збор. Најдобра е тимската дијагностика кај децата кај кои се сомневаме дека имаат отстапувања и во другите развојни сфери (моторика, когниција, социјални вештини…). Но доколку станува збор за изолиран говорен проблем тогаш потребен е само логопед.