
Препознајте ја зависноста од видео игри кај вашите деца
Препознајте ја зависноста од видео игри кај вашите деца
Границата помеѓу играта и зависноста многу лесно може да ја премине границата.
Светската здравствена организација неодамна класифицирала зависност од компјутерски игри како болест. Оваа болест најчесто се случува кај тинејџерите и младата популација, а најчести симптоми се: давање приоритет на играта во однос на семејството и друштвото,исхрана, спиење, школување. Кога забавата ќе се префрли во опасна зависност?
Насилство, војни, акција, пукање – ова се темите на видео игрите кои ги окупираат денешните деца, но и возрасните гејмери кои се вовлечени во новиот виртуелен живот.
Пред компјутерот поминуваат по шест, седум часа, а најчеста причина е забавата, возбудата и напнатоста со секоја нова започнета партија. Од друга страна пак различни истражувања велат дека од видео игрите децата може да имаат голема корист и да развијат различни способности.
Граница помеѓу играта и зависноста многу лесно се преминува, велат стручните лица.
Ако забележите дека вашето детето поминува околу два до три часа дневно, за неколку недели тоа ќе стане три до четири часа па за уште неколку недели ќе прерасне во пет и шест часа дневно и понатаму со тенденција за пораст. Од друга страна, доколку забележите дека детето не може да се контролира – тоа е моментот кога вие како родители треба да кажете “доста е со седење на компјутер”. Во ваква ситуација најчесто од вашето дете ќе добиете одговори како “веднаш доаѓам”, и повторно ќе продолжи со играта уште еден час. Ова е момент треба да се уклучи сијаличката.
Ако се јават и првите последици, како на пример вашето дете да престане да се дружи со пријателите поради играње на видео игри, да го запоставува училиштето и да има лоша комуникација со вас, тоа значи дека проблемот се продлабочил и треба веднаш да побарате помош од стручно лице како психолог.