Прв месец со бебето – што ве чека?
Првите неколку недели од животот на вашето дете секако се волшебно време кое се памети засекогаш, но првите денови на мајчинството ставаат пред вас и сериозни предизвици. Оддеднаш треба да стекнете нови навики, да живеете сосема друг живот, да се задоволите со помалку сон, а и покрај се да закрепнете од породувањето.
Најважно е полека и потполно да закрепнете после породувањето, со самото тоа ќе бидете помалку изложени на постпородилната депресија. Златното правило гласи: спијте кога и вашето бебе спие, без разлика кое време е од денот. Ова е совет кој ќе ви го даде секоја мајка. Кога бебето ќе заспие, оставете ги сите домашни работи и отспијте – вашата состојба е поважна од неизмиените чинии.
Ако сакате да направите ред во спиењето на вашето бебе, пробајте бебето да го заспивате околу 19 часот.
Нахранете го, потоа малку почекајте па искапете го. Уште еднаш нахранете го, ако мислите дека е гладно, а потоа нежно кажете му дека е време за спиење. Во првите недели планирајте го следното хранење околу 22 часот, пред секое одење на спиење. Ако е потребно, разбудете го бебето за да го направите тоа.
Овој ред ќе ви помогне подобро да се снајдете со вашето бебе во првиот месец, така што ќе можете и вие да се одморите а и да уживате заедно со вашето бебе.