Првото излегување со новороденчето надвор
Една од најчестите дилеми и расправи меѓу постарите и помладите генерации е кога е време бебето за прв пат да оди на прошетка. Некогаш и кај нас беше обичај бебето да не се изнесува надвор додека не наполни 40 дена, а во некои култури, овој обичај сеуште е актуелен. Всушност оној момент кога од породилиштето си одите дома, бебето веќе било надвор, а секако ќе го носите и на контрола кај педијатар со две недели или после еден месец. Медицински причини за да не го носите бебето надвор – нема.
Важно е да не престојувате во затворени простории долго време, да избегнувате гужви и посебно простории каде што има болни луѓе. Внимавајте бебето да не го допира некој кој не ги измил своите раце.
Ако сте во можност и ако не е премногу ладно или премногу топло, можете бебето да го оставате во количка да преспие на отворено. Тоа ќе му годи уште од најраните денови.
Дури и ако надвор е многу ладно, многу е важно да не заборавите добро да ја проветрите просторијата во која бебето престојува, барем три до четири пати во текот на денот, на неколку минути.