Психолог тврди: Родителите се многу поголеми паничари од децата
Словенскиот клинички психолог Александер Задел истакнува две екстремности во родителството: родители со преголеми очекувања и многу заштитничи настроени родители кој долгорочно претставуваат најголема опасност по децата, затоа што не им дозволуваат да научат да го живеат животот и да се носат со тешките ситуации.
Задел, кој е и директор на Институтот за личен развој Корпус анима ратио, по повод почетокот на новата школска година вели дека родителите се многу поголеми паничари, додека децата се издржливи и главно училиштето го прифаќаат како нешто што мораат, пренесува мариборскиот весник Вечер.
Спрема неговите зборови, родителите кои ги сфаќаат децата и нивното школување како личен проект, веројатно ќе бидат анксиозни затоа што ги очекуваат разговори за домашните задачи, учењето, одговорностите, резултатите.
“Денеска луѓето се повеќе вештачки поврзани од порано. Под тоа мислам на поврзаност на друштвените мрежи, а не на личната поврзаност. Таму се формираат некои општи ставови, уверувања и очекувања за тоа како училиштето, професорите и децата треба да изгледаат. На овој начин се губи односот спрема индивидуалноста на самото дете, како и спрема професорите и училиштето”, вели тој.
Како што вели, денес многу малку се води грижа за потенцијалот на детето, затоа што владее мислење дека сите сме способни да постигнеме било што ако тоа го сакаме и дадеме се од себе.
“Тоа се огромни глупости“, вели и додава дека притисоците врз детето во смисла дека на неговиот живот ќе има влијание ако ги нема најдобрите оценки или ако не е најдобро, порано или подоцна ќе се манифестираат на детето.
“Затоа се под голем стрес, а не затоа што училиштето е многу комплексно“, вели Задел.
.