Разговарање со бебето
Бебето го препзнава гласот на мама и тато и ужива во него
Дали бебето ме разбира кога зборувам со него?
Не, но вашиот глас многу му се допаѓа. Бебето многу добро знае дека тоа е гласот на мама, односно на тато, и ужива во него. Разговорот со бебето е неформална стимулација која бебето ќе го направи побистро повеќе од било какво форсирање со училишни ливчиња. Разговорот со бебето не е само комуникација во едена насока, бебето многу брзо ќе почне да реагира на вашиот глас, ќе го препознава и ќе се насмевнува, а потоа и ќе гуга како одговор.
Се чуствувам помалку “будалесто” кога разговарам со бебето, дали е тоа ок?
Ако до сега не сте имале контакт со бебиња, логично е дека ќе се чуствувате помалку будалесто во разговорот со бебето, на бебињата обично им се зборува со мил глас, им се рецитираат песни и се зборуваат глупости и бесмислени работи какви што нема во дијалог меѓу две возрасни личности. Ако не можете да се сетите на такви бебешки разговори, зборувајте му на бебето што ќе ви падне на памет: раскажете му на бебето некој добар филм или книга, кажете му некоја своја тајна, објаснете му каква е политичката и економската ситуација во светот, кажете му што сте сонувале вечерта или ситуацијата на берза. На бебето не му е важно што му зборувате , важно му е да го слуша вашиот глас и да го гледа вашето лице и мимиките додека му зборувате. Кога малку ќе се навикне да му зборувате и кога ќе почне да реагира на вашиот глас со гугање-ќе најдете заеднички јазик.
Кога да разговарам со бебето?
Секогаш. Кога му ја менувате пеланата, кога го капете, кога се шетате, додека го храните… Ниту една друга играчка не може да биде позабавна од вашиот разговор или песна. Околу бебето е цел нов свет но безимен, ваша должност е да го именувате и да му го откриете. Покажувајте му на бебето предмети, луѓе и кажете му што е тоа што го гледа. На морате да му објаснувате, доволно е само да ги именувате, на пример: “Ене го мачето! Види мило, тоа е маче!”
Зошто луѓето го менуваат тонот кога разговараат со бебиња?
Пробајте и вие да го зголемите тонот кога му се обраќате на бебето и ќе ја видите реакцијата. Бебињата сакаат високи тонови. Природата затоа, веројатно на жените им дала повисок глас отколку на мажите. Луѓето кога му се обраќаат на бебето спонтано го подигнуваат тонот за една октава повеќе. Тестирајте го бебето за да дознаете дали сака повисоки или пониски тонови.
Мојот сопруг и јас немаме ист мајчин јазик, дали ќе го збуниме бебето ако му се обраќаме на два јазика?
Двојазичноста е непроценето богатство, ја зголемува интелегенцијата на детето и му дава можност да мисли поинаку. Меѓутоа стручњаците не може да се усогласат кога е право време во комуницикацијата да се вклучи другиот јазик.
Некој се за тоа уште од раѓање да почне комуникацијата со бебето на два јазика така што секој родител ќе зборува на својот мајчин јазик. Други, пак сметаат дека тоа ќе го збуни бебето и дека со другиот јазик треба да се почека до третата година кога детето ќе научи сосема добро да се изразува и разбира на едниот јазик.
Дали бебето сака кога му шепотат?
Тоа ќе го знаете само вие и вашето бебе. Секое бебе е индивидуално за себе: некои се гласни и сакаат така и со нив да се разговара, сакаат да слушаат музика, да се надвор каде што има жагор, сообраќајна врева… Други бебиња сакаат мир и тишина, гласната музика им пречи, им смета и вревата. За нив е совршено место под некое дрво во градината и тие сакаат со нив да се разговара со малку потивок глас.