Разменувајте љубов!
Мазете се
Од сосема разбирливи причини, бебето во првиот месец од животот не е спремно за игра. Вашата најважна задача во овој период е да му ја олесните транзицијата од заштитената матка во стварниот свет. Не постои подобар начин да се поврзете од честото мазење и држење во прегратка, а уште подобро така што бебето со неговата кожа ќе ја почувствува вашата.
Лесна масажа
Кога бебето ќе наполни осум недели, можете да воведете масажа. Положете го детето на грб и нежно масирајте му го стомачето со кружни движења во правец на сказалките на саатот. Во таа прилика пејте му и пратете ја неговата реакција.
Нежен стисок
Смислете некој интерен јазик за разбирање, кој само вие и вашето дете ќе го разберете. Пробајте го ова за почеток: додека шетате и го држите детето за рака, нежно стиснете го три пати и кажете му дека тоа значи “те сакам”. Наскоро ќе има многу такви пораки додека сте заедно надвор од дома.
Бакнеж за добро утро
Со повозрасните деца играјте си заспаната убавица и кога ќе дојде времето за будење, тивко кажете дека само бакнеж може да ве разбуди. Кога ќе го добиете најпрекрасниот бакнеж на светот, веднаш отворете ги очите и одглумете дека навистина сте разбудени од најдлабокиот сон. Вашето малечко ќе биде воодушевено од оваа игра и ќе посака да ја буди мајката со бакнеж секогаш кога за тоа ќе му се пружи прилика.
Бидете вие бебе
Испробајте ја оваа игра со замена на улогите: преправајте се дека сте бебе, а дека малечкото ви е мајка или татко. Бидете трпеливи и пуштете го навечер да ве упати кон креветот и да ве бакне за добра ноќ. Малечкото неминовно ќе дојде во вашиот кревет што ќе биде добар увод за негово заспивање.
Ескимски бакнеж
Загрејте го вашето малечко кога надвор е ладно така што ќе го научите на ескимски бакнеж. Знаете веќе како тоа оди? Ставете ги нежно дланките на неговите образи (нека и малечкото ги постави дланките на вашите) и благо тријте ги носињата едно од друго.
Безбедни и задоволни
Оваа вежба јога ќе ви овозможи емотивно и физички да се поврзете со своето бебе. Легнете на грб, а бебето ставете го на својот стомак и гради. Ставете му го главчето во близина на вашето срце, така да може да ги чуе неговите ритмички отчукувања. Прегрнете го бебето додека длабоко вдишувате и издишувате воздух. Кај бебето тоа ќе предизвика чувство на сигурност и поврзаност која ќе го смири.