
Ротавирус – непријател на бебешкото стомаче
Кога напаѓа?
Од овој вирус најчесто заболуваат бебиња на возраст поголема од 6 месеци (затоа што до тогаш се хранат исклучиво со мајчино млеко). Болеста е почеста во пролет и лето, но во последните години таа е присутна во тек на целата година. Вирусот го напаѓа желудникот на бебето и неговите црева предизвикувајќи симптоми на пролив пропратени со повраќање. Штом ги забележите наведените симптоми, веднаш одведете го детето на педијатар. Во меѓувреме давајте му на бебето превриена, изладена вода, но немојте да му давате да пие од шише, туку давајте му лажичка по лажичка (поголема количина на течност ќе го надразни желудникот и ќе предизвика нови повраќања).
Како се пренесува?
Ротавирусот се пренесува со контакт со заболено дете и неадекватна хигиена. Затоа редовно мијте ги рацете пред да го земете бебето, но не заборавајте да ги измиете и неговите раце (можете да користите и влажни марамчиња).
Како се поставува дијагнозата?
Дијагнозата на болеста се поставува со лабараториска анализа на бебешката столица. Се лечи со надохнада на течности, после што флората на бебешките црева брзо се опоравува. Пожелно е на бебето да му се дава јогурт со пробиотичка култура и тоа неколку пати дневно, по две до три лажички.