Сака само, а не може
Едвај чекавте да каже, “Мама”, или “Тато”, да почне да ги именува работите и луѓето, да го снимите секое негово изговорено зборче и со гордост да кажете на сите што ова утро кажало или направило нешто ново. Навистина, нема ништо послатко од првите детски зборови, дури и кога само вие ги разбирате, но слаткиот период кратко трае, бидејќи после втората година ќе почне да збори само една реченица “неееее, немој ти! Јас само!”
Ќе сака само да се облече, но нема да успее бидејќи упорно ги става двете ноџиња во една ногавица. Не може да се закопча и секако тоа го нервира. Кога јаде кекс и млеко, лажицата секогаш му завршува покрај устата, а храната во облеката, и ете нова фрустрација.
Ништо страшно и ништо необично. Од грешките и повторувањата се се учи. Па така и вашето дете ќе го совлада она што во моментот го фрустрира. Вие мора да се вооружате со трпение и добра смисла за хумор, бидејќи како и сите други фази и оваа ќе помине. Советува францускиот психолог An Bakis.
Кога ќе каже “ Сакам само”, детето покажува желба да се осамостои. Тоа е здрава желба која го поттикнува да расте и напредува. За жал, таа се јавува во период кога детето сеуште не е доволно зрело за да ја реализира. А врската помеѓу желбата и можноста ужасно фрустрира. Иако овој период тешко им паѓа и на детето и на родителот, треба да знаете дека е многу корисен. Затоа немојте да се трудите да го поштедите од таа фрустрацуја.
Благодарение на многу едноставните помагала, детето може да се чуствува многу самостојно. На пример: специјално нелизгачко скалило кое личи на превртена кадичка му овозможува на детето само да си ги измие рацете или забите и слично. Купувајте му играчки кои се прилагодени на неговата возраст. Добра играчка е предизвик за секое дете на која може и сака да оодговори. Доколку е премногу комплицирана, детето ќе се разочара и ќе се чуствува бескорисно. Доколку веќе сте купиле играчка која детето не ја дораснало, ставете ја во шкаф и извадете во периодот кога таа ќе биде соодветна на возраста на детето.
Доколку не му дозволувате на детето само да јаде, бидејќи не е способно само да ја држи лажицата или пак јаде премногу споро, ќе му ја убиете желбата да научи само да се храни. Ова ќе придонесе покасно да почне да се служи со приборот за јадење, кога останатите деца на негова возраст веќе правилно ќе се служат со истите. Учете го детето како правилно да ги облекува чорапите, да разликува лево и десно кондурче, да држи чаша а да не истура вода… Дајте му време да научи, немојте да го брзате, така ќе се осамостои и ќе стекне самодоверба. Иако, може да ви се чини дека е губење на време, да знаете дека сепак трудот ќе ви се исплати.
Вашето дете се нервира што не може се само да направи, и се ставате во искушение да направите нешто наместо него? Како прво, немојте да го критикувате и карате бидејќи е неспретно. Запрашајте се себеси дали вашите очекувања се реални? Дали тоа на таа возраст може само да си ги врзе врвките на патиките? Ако сака повторно да проба, охрабрете го, ако сака да се откаже, немојте да се лутите и да го терате да повтори.
Немојте да го прекинувате и да чекате само да побара помош. Доколку веќе интервенирате, немојте да се поставувате како се да знаете, туку како некој кој заедно со нив пробува да го реши проблемот. Помогнете му ако неможе да успее, но немојте да направите се сами: додадете му да прави дел од сложувалка, но пуштете го само да ја состави, наместете ги чевлите пред него, но пуштете го само да ги облече… Дури и ако вие сте го направиле најголемиот дел од работата, детето треба да добие на впечаток дека самото нешто направило и да биде гордо со тоа.
Потоа и вие ќе бидете горди на истото.