Се за ортодонција – препораки од Спец. Д-р Софија Груевска
За тоа што е ортодонција, како се третира, каков третман се практикува и многу важни информации за вашите дечиња зборуваме со Спец. Д-р Софија Груевска специјалист по ортодонција, Магистер по здравствен менаџмент во Болоња, Италија и Стоматолог во ПЗУ,,Илумидент” Скопје.
Babyshop.mk за таа цел ја посети ординацијата на Спец. Д-р Софија Груевска која прекрасно не пречека и ни ги сподели овие одлични и тоа како важни информации за ортодонцијата.
1. Што е ортодонција?
Ортодонцијата е специјалистичка гранка на стоматологијата што се грижи за правилното поставување на положбата на забите, воспоставување на правилен однос на горната со долната вилица, со цел правилен развој на лицевите структури.
2. Како се третираат ортодонтските неправилности?
Ортодонтските неправилности се третираат со ортодонтски апарати кои се дизајнирани така што да произведуваат благи (биолошки) сили врз самите заби со цел да ги придвижуваат во саканата позиција.Ортодонтските апарати можат да бидат мобилни и фиксни. Мобилните ортодонтски апарати се ставаат кога ќе изникнат првите трајни единици и трајните први молари (шестките), додека фиксните ортодонтски апарати се ставаат веќе на изникнати трајни заби и не ограничуваат возраст. Соработката на пациентот во терапијата има исклучително важна улога во постигнувањето позитивни ефекти од третманот.
3. Кога треба да се направи прв ортодонтски преглед?
Одредени ортодонтски проблеми се толку изразени, што е потребна интервенција уште во рана детска возраст.
Околу седмата година во устата на детето веќе е започната промената на млечните со трајните заби. Тогаш доаѓа до интензивен раст на вилиците и лицевите структури.
Одредени навики како што се цицање на палецот, дишење на уста, буткање на предните заби со јазикот, прерано губење на млечните заби, недостаток на одредени заби или прекубројни заби, заспивање со цуцла доведуваат до одредени аномалии во растот на вилиците и правилното поставување на трајните заби. Затоа во овој период од животот е потребно да се направи првиот преглед кај ортодонт.
4.Како правилно се одредува терапијата?
На првиот преглед се прави преглед на забите што се присутни во устата, се гледа положбата на горната спрема долната вилица. За правилно одредување на терапијата неопходно е да се направи панорамска снимка, земање на отпечаток за студио модел и понекогаш се прави и фотографирање на лицето и забите.
5. Колку време трае третманот?
Времетраењето на третманот е индивидуално и зависи од специфичноста на малоклузијата која ја има пациентот, во кој степен е таа изразена, како и од соработката на пациентот. Исто така, секој пациент различно реагира на дадената терапија. Просечно стандардните третмани траат околу 22 месеци.
6.Кога се носат мобилни, а кога фиксни апарати?
Мобилните и фиксните протези произведуваат различни сили па врз основа на тоа и во различни периоди се ставаат. Мобилните имаат голема улога во време на мешовита дентиција,додека фиксните протези се поставуваат кога ќе изникнат сите трајни заби. Даваат подобри резултати од мобилните протези, зашто се залепени за забите и се добива континуирано делување на забите. Со развојот на стоматолошките материјали во голема мера е подобрена естетиката на фиксната протеза, постојат техники на нејзино поставување кога таа е скоро невидлива. После вадењето на протезата се изработува фиксен или мобилен ретејнер, чија функција е да се задржи посакуваната положба на забите.
Со правилната положба на забите и вилиците не се добива само убава насмевка. Најважно е да има добра поставеност на вилиците и правилно функционирање на виличниот зглоб, да има правилно џвакање и голтање и здраво ткиво што ги опкружува забите.