ЕЛЕКТРОНСКИ ИНФОРМАТОР

Претплати се на нашиот електронски информатор и добивај информации за промоции и нови производи!

    • Нема производи во кошничката.
    a
      >  Здрава исхрана   >  Се за внесување на немлечна храна и дел од млечна храна кај бебињата на возраст од 7 – 8 месеци
    Се за внесување на немлечна храна и (дел од млечна) храна кај бебињата на возраст од 7 – 8 месеци

    Се за внесување на немлечна храна и дел од млечна храна кај бебињата на возраст од 7 – 8 месеци

    Грижата за новороденчето секогаш е на прво место.

    Ве советуваме како грижата да биде поквалитетна, особено во делот на исхраната и преминот од  доење кон немлечна исхрана. Ќе ги нагласиме сите моменти во врска со воведување на немлечна исхрана кај бебиња на возраст од 7 – 8 месеци.

    Секој нов производ се воведува поединечно и треба да се дава три дена по ред, па подоцна може да се комбинира со веќе испробани производи.

    Веќе сте ги вовеле оризот, пченката, морковот, тиквицата, тиквата, брокулата, јаболкото, бананата и праската, сега може да ги воведете и следните производи:

    1.Житарки – покрај просото и хељдата кои се безглутенски житарки, се воведуваат и овес, рж,  јачмен, пченица кои се глутенски житарки. Житата се добар извор на витаминот Б и добро се комбинираат со овошје и машунки. Може да се користат инстант снегулки или житарки од цело зрно, или во вид на снегулки – во тој случај треба да водите грижа за квалитетот на тие производи.

    2.Млеко и млечни производи – при крај на седмиот и во осмиот месец може да се воведе кисело млеко или јогурт, кои се додаваат во кашичките од жито.

    3.Месо – се дава пилешко, јунешко или телешко, кое полесно се вари а е многу хранливо. Во почетокот се дава 20 – 30 грама или една супена лажица, па потоа пополека се зголемува така што на една година веќе треба да биде 100 грама односно 3 супени лажици. Месото е богато со витамин Б12, железо и висококвалитетни протеини. Месото треба да е со добар квалитет и добро варено. Прво се воведува како супа, потоа блендирано и на крајот сецкано. Се вари во вода и не треба да се додава сол.

    4.Жолчка – се воведува пополека затоа што е голем алерген, воведувањето може да почне во седмиот или осмиот месец, во зависност од тоа кога сте почнале да воведувате цврста храна и трае до еден месец. Треба да ги следите реакциите на детето после секој оброк и доколку се јави некоја реакција треба да се прекине со давање на жолчката одреден период. Во почеток се дава 1/8 жолчка, големина на зрно на грашок, три дена по ред, потоа по пауза од 3 – 4 дена се зголемува на 1/4 и се дава три дена, се прави пауза од неколку дена, па се зголемува на 1/2  и на крај се дава целата жолчка. Приближно секоја недела се зголемува количината додека не се даде цела жолчка. Во деновите кога на детето му давате жолчка не треба да му давате месо. Најдобро е да ја комбинирате со зеленчукови кашички за да се искористат сите хранливи состојки. Кога ќе се воведе цела жолчка, истата се дава два пати неделно. Јајцата се производ со висока биолошка вредност, ги содржат сите важни протеини, витамини и минерали. Важно е јајцето да биде свежо и да се вари 7 минути, а пред употреба треба да се измие во топла вода.

    5.Зелнчук – на седум месеци се воведува карфиол, спанаќ, блитва и цвекло, а на крајот од осмиот месец може боранија и грашок, по една супена лажица. Важна е подготовката на овие производи – спанаќот и блитвата се бланшираат кратко во малку вода, водата се фрла а во понатамошната подготовка се додава малку млеко. Овие производи не се топлат повторно. Карфиолот се вари во отворен сад за да излезат сумпорните соединенија, за бебето да има помалку проблеми со гасовите и надуеноста на стомачето.

    6.Овошје – во седмиот месец се воведува кајсија, крушка, слива, дуња. Овошјето може да биде и сирово, рендано и изблендирано, а може и суво овошје, кое е потребно малку да отстои во вода за да омекне. Во осмиот месец може да се воведат вишни и цреши, свежи или замрзнати ако не им е сезоната.

    7.Маснотии и масло – на седум месеци се воведува павлака по една кафена лажичка дневно, се додава во кашичките од зеленчук. Маслиновото или сончогледовото масло во количина од една кафена лажичка се става исто така во кашите од зеленчук. Мастите се многу важни затоа што во нив се раствараат липосолубилните витамини А, Д, Е и К и содржат важни масни киселини. Во осмиот месец може и путер, во количина колку едно лажиче. Некои бебиња овие производи ќе ги земаат во пасирана состојба, некои крупно рендани, сецкани, сето тоа зависи од зрелоста на детето, не се оптеретувајте со тоа, најважно е детето да ги прифати сите производи. Секако ако не ги сака прекинете со давање на истите неколку дена, па пробајте потоа повторно.

    Еве како треба да изгледа распоредот на оброците во текот на еден ден:

    1.После будењето – во раните утрински часови доење или адаптирано млеко.

    2.Доручек – млечно-житна каша околу 9-10 часот.

    3.Ручек – варен зеленчук со месо или варен зеленчук со жолчка-околу 13 часот.

    4.Попладневна ужина – овошје околу 17 часот.

    5.Вечера – млечно-житна каша околу 19 часот.

    6.Пред спиење – доење или адаптирано млеко.

    Ритамот на оброците може да ви го диктира и бебето, но вие пробајте колку што е во ваша моќ да го навикнете бебето на овој распоред.

    Пример за дневно мени на возраст од 7 месеци:

    1.Доручек – снегулки од овес 3 супени лажици (30 грама), едно излупено јаболко, 2-3 суви сливи. Се заедно се става во ладна вода. Кога ќе почне да врие се вари неколку минути. Кашата може да се изблендира или да се испасира со вилушка.

    2.Ручек – бело месо 30 грама, морков 80 грама, тиква 50 грама, ориз интегрален 10 грама (една супена лажица), маслиново масло 1 кафено лажиче. Оризот се вари на пола, се додава месото и зеленчукот и на крајот од варењето се додава маслиново масло, кога ќе се тргне од ринглата.

    3.Ужина – компот од крушка и дуња (пола дуња пола крушка – сварени).

    4.Вечера – каша од хељда – 30грама хељда се вари и се блендира, се додава пола шолја јогурт или кисело млеко.

    Пример за дневно мени на возраст од 8 месеци:

    1.Доручек – просо со јаболко и вишњи. Се вари 30 грама просо, пред крај на варење се додава едно јаболко и пола шолја вишни.

    2.Ручек – компир 50 грама, карфиол 100 грама, спанаќ 30 грама, неколку крукчиња праз, една жолчка, лажиче павлака. Сварете го компирот и празот и пред крај додадете ги карфиолот и спанаќот, исцедете, испасирајте и во тоа додадете 1 лажиче павлака.

    3.Ужина – една банана и две кајсии (во зимскиот период може и суви).

    4.Вечера – ржани снегулки 30 грама, натопете ги во една чаша јогурт, додадете и една сува слива.