• Нема производи во кошничката.
a
  >  Деца   >  Сликовници – прозорец кон светот за бебето
Сликовници – прозорец кон светот за бебето

Сликовници – прозорец кон светот за бебето

Сликовницата претставува првото ликовно – книжевно дело со која на детето му ја отвораме вратата во светот на писменоста и книжевноста. Затоа е исклучително важно нашите малечки да бидат опкружени со што поголем број на квалитетни сликовници уште од најраното детство.

Квалитетна сликовница подразбира пред се граматички и правописно исправен текст, кратки и јасни реченици, естетски илустрации и содржина која го поттикнува развојот на детето.

Значајна е и техничката подготовка на сликовницата, како што е квалитетот на превезот, употребата на нетоксични бои, големината и стилот на буквите и сл.

Сликовниците за децата претставуваат прозорец кон светот и нивно огледало. Тие им овозможуваат на децата да учат и да се едуцираат, да развијат говорни и јазични вештини, да стекнат нови искуства и да се сретнат со луѓе и предмети кои ги нема во непосредното опкружување.

 

Основа за интелектуален развој

Со помош на сликовниците се развива љубовта кон читањето, а тоа е основа за секој понатамошен интелектуален и социјално-емоционален развој.

Ако се присетите на своите први сликовници, во Вас ќе се разбудат сите оние прекрасни чувства, мириси и гласови на возрасните луѓе кои Ви ги читале. Тие сеќавања оставиле траг кој не може да се избрише во секој од нас.

 

Поттикнуваат на размислување

Љубовта кон читањето и книжевноста се развива токму во најраната возраст со сликовниците како први книги. Читајќи ги заедно децата и возрасните разговараат, а постојат и сликовници без текст, кои се важни затоа што го поттикнуваат заедничкото размислување и зборување секој пат на друг начин. Како темите на сликовниците се поразновидни, така ќе им го олесниме патот на децата кон реалните животни ситуации и што е најважно ќе ја разбудиме нивната креативност и размислување.

Сликовниците кај децата ги будат емоциите, го развиваат говорот и го збогатуваат речникот. Со нив нашите малечки добиваат одговори на многу прашања, а освен тоа ја поттикнуваат и способноста на запазување и насочување на детската перцепција кон работите кои им се значајни и кои им се допаѓаат.

Сликовниците за помалите деца треба да имаат повеќе слики а помалку текст, додека пак кај сликовниците за повозрасните деца треба да биде поинаку. Затоа на бебето кое е премало за да разбере што родителот зборува ќе му биде доволен гласот на своите родители кој го смирува, додека пак постарите деца сами ќе одберат сликовница и ќе разменуваат мислења со оние кои им помагаат во читањето.

Книгата може да биде и добар мост помеѓу децата и родителите за нивната блискост и поврзаност. Во текот на заедничкото читање родителот ги воочува способностите, интересите но и потешкотиите со кои неговото дете се сретнува на поголема возраст.