• Нема производи во кошничката.
a
  >  Интервју   >  Со Маца и Горан за Art of Living – Уметноста на живеењето
Со Маца и Горан за Уметноста на живеењето

Со Маца и Горан за Art of Living – Уметноста на живеењето

За тоа што претставува Уметноста на живеењето разговаравме со двајца прекрасни луѓе, Магдалена Манева и Горан Поповски, кои преку своето животно искуство и стекнато знаење, ја шират и споделуваат својата позитивна енергија со сите кои се дел од “семејството” именувано Art of Living. 

Маца и Горан, во продолжение зборуваат за јогата, начинот на живот, хуманоста. Kога ќе ги запознаете, ќе се чувствувате како да ги знаете цел живот.

Магдалена-Маца и Горан

BS: Од скоро е оформен центарот за јога Art of living (Уметноста на живеењето). Kоја е целта и од каде потекнува идејата за еден ваков центар?
Art of living како организација во Македонија постои повеќе од десет години, со една единствена порака „да се подобри квалитетот на живеењето на секој поединец во општеството, односно да се живее здраво во секој сегмент од нашиот живот”.
По многу одржани едукативни работилници, безброј хуманитерни акции, разни активности во сферата на социјалниот живот , созреавме и прераснавме во вистински животен тренд на здраво живеење.
Така, постепено од една летечка организација, која немаше свој сопствен простор во кој ќе може целосно да ги извршува своите активности, се роди Art of living bio shop, Ayurveda, Yoga & meditation Centar.
Ова место дава слика на едно слободоумно, здраво и урбано живеење. Секојдневие со поинаков стил, креатор на трендови во сите сфери на живеењето, место кое ти дава сигурност и добри вибрации, место каде можеме квалитетно да го поминуваме времето со себе и со луѓето слични на нас. Тука буквално може секој да најде она што му одговара: часови по јога, медитација, работилници полни со знаење и мудрости за животот, анти стрес програми за најразлични возрасти, место каде можеме да добиеме совети за здрав начин на исхрана, продукти полни со енергија и здравје, најразлични предавања за алтернативното лечење.

BS: Она на што би сакала да ставиме акцент е јогата за деца со аутизам. Искрено бев пријатно изненадена за ваквиот чекор. Чија беше идејата и каков е одзивот?
Ние како организација со оваа група на деца и родители имаме работено и поодамна. Но, овој пат идејата за ваквиот вид часови потекна од една наша членка која работи јога и воедно е мајка на дете со аутистичен спектар. Одзивот е голем и има заинетересираност, постои можност да се воведе и дополнителен час за да може да се опфатат поголем број на семејства.

BS: Колку сте задоволни од досегашното искуство и како практикувањето јога влијае врз децата со аутизам?
Нашето претхoдно искуство ни покажа дека и на оваа група деца и родители јогата може, но и придонесува кон нивното подобро живеење и функционирање. Постои една чудна и моќна енергија меѓу сите нас додека сме заедно и низ музика, знаци и игра го живееме заедничкиот момент. Родителите си врват низ некои нивни ослободувања, ние си поминуваме наши искуства и сме задоволни со било која промена од час до час, а децата од некое друго ниво на егзистенција и љубов ни создаваат еден посебен свет, свет без очекувања, свет со потполна слобода и љубов. Нема поголемо задоволство да бидеш во овој шарен свет.

BS: За која возрасна граница се наменети часовите за деца со аутизам?
Во моментов има деца од 4 до 20 годишна возраст со тоа што разбирањето и комуникацијта кај секој од нив е на различно ниво. И ова е главната причина поради која оваа јога е посебна и поради која користиме посебни визуелни распореди и материјали со кои се зголемува разбирањето кај децата за вежбите кои се работат на часот.

BS: Кои стручни лица работат на оваа програма?
Овие часови ги водат двајца јога инструктори, сертифицирани за работа со деца при развој на нивниот фокус, родител –асистент, обучен за препознавање на комуникацијата со овие мили души и професори со долгогодишно искуство во работењето со деца со аутизам.

BS: Дали би сакале да споделите, која е висината на цената кои родителите треба да ја платат за јогата за деца со аутизам?
Овие часови се бесплатни и ќе се потрудиме да остане така и во иднина со тоа што уште на самиот почеток ние почнавме со прибирање донации со цел да се покријат основните трошоци за оваа активност во центарот.

BS: Кои се вашите планови? Дали можеби планирате да ја проширите лепезата па освен за децата со аутизам да направите некоја работилници и за децата со посебни потреби?
Во моментов сме фокусирани на оваа група на семејства бидејќи увидовме дека ја има во голем број и дека повеќето се во тешка состојба. Се надеваме дека во блиска иднина ќе можеме да се организираме и да понудиме можност и за други групи на лица со посебни потреби да можат да работат јога.
Воедно пред неколку дена ја започнавме донаторската акција за собирање на средства за набавка на безглутенска и безказеинска храна за семејствата со деца со аутизам, адха, адд и останати дијагнози кои имаат потреба од ваква исхрана. Во склоп на оваа акција во центарот ќе се одржат предавања за родителите од страна на познат и искусен нутриционист, за важноста на храната, подготовка на рецепти и информации за можни замени во исхраната.

BS: Вашиот центар има и хуманитарна улога во општество. Можете ли малку повеќе да ни објасните за хуманитарната страна на Art of Living?
Покрај едукативниот аспект на делување, “Уметност на живеење” има и хуманитарен дел кој функционира од самото формирање на организацијата. Веќе десет години помагаме на социјално загрозени семесјства, било со донирање алишта, храна, парични средства, лекови, донирање на покуќнина, школски прибор, па дури и до санирање на куќите, наоѓање работа, помагање на нивните деца со часови по англиски, математика, итн. Исто така голем придонес дадовме и при поплавите во Скопје. Значи, секаде каде што е потребна помош, колку што можеме се разбира, бидејќи сето тоа го правиме волонтерски и без никакви парични надоместоци. Посебно не радува што со ваквите наши акции имаме поттикнато многу граѓани, организации, фирми за споделување и будење на хуманиот аспект. Досега сме биле повеќепати наградувани на ниво на најдобри волонтери и покажана општествена одговорност.

Центарот се наоѓа на булевар Климент Охридски бр. 48, Скопје. Секако може да не контактираат на телефоните 071/385-477 и 078/338-579 и да ја посетат нашата фејсбук страна https://www.facebook.com/artoflivingmacedonia/