Совети од детски стоматолог: Кога излегуваат сталните заби и по што се разликуваат од млечните
Како би ги спречиле евентуалните проблеми кои можат да го нарушат здравјето на детето, родителите би требало да го знаат редоследот на излегување на сталните заби, но и како тие се негуваат и по што се разликуваат од претходните, млечните заби.
Кој е редоследот на излегување на сталните заби?
Околу шестата година се појавува првиот стален заб и тоа е сталната шестка. Следните стални заби кои излегуваат се долните секачи, а потоа и горните. Премоларите излегуваат околу осмата година, а очниците помеѓу деветата и единаесетата година. Другите стални молари (седмиците) излегуваат во периодот од единаесетата до тринаесетата година. Умниците најчесто излегуваат околу осумнаесетата година од животот и со тоа се завршува периодот на излегување на сталните заби.
Кои се разликите помеѓу млечните и сталните заби?
Сталните заби од млечните се разликуваат по бројот. Млечните заби се на број вкупно дваесет. Тие со времето им отстапуваат место на сталните заби, кои ги има триесет и два. Сталните заби доаѓаат на местото на млечните заби, а преостанатите се сместуваат во пределот на вилицата позади делот кој го завземаат млечните заби.
Освен по бројот, млечните заби од останатите се разликуваат и по големината, нивните крунички се помали и пократки од круничките на сталните заби, затоа што и усната шуплина на детето во тој период е помала. Со самиот раст и развојот на вилицата се зголемува и просторот за сместување на забите, па со самото тоа сталните заби се поголеми по обем.
Млечните заби се побели од сталните, затоа што нивната глеѓ е помалку провидна и помалку минерализирана од глеѓта на сталните заби.
Деловите на млечните заби, глеѓта и дентинот се многу тенки, односно многу потенки од тие делови кај сталните заби. Многу брзото трошење на млечните заби е токму последица на нивниот тенок површински слој, односно забната глеќ. Тоа доведува до тоа кариесот на млечните заби многу брзо да се развива и многу тешко да се сопре кога ќе почне неговиот развој.
Исто така, делот на млечните заби кој ја представува нивната срж, пулпата на млечните заби, завзема значаен дел од самиот заб. Ова е чувствителен дел, содржи нервни завршетоци и крвни садови, така што кариесот на млечните заби може често да предизвика непријатности и болка кај детето.
Како да се спречи проблемот со млечните заби?
Од најраната возраст родителите треба да водат грижа за состојбата на устата на детето и неговите заби. Редовни стоматолошки контроли, адекватна и правилна нега на устата и забите по препораки од стоматолог, како и навремена поправка на евентуално заболените заби се од голема важност како за здравјето на устата и забите, така и за целокупното здравје на детето.