
Што да се прави кога бебето тешко кака?
Запекот е честа појава, особено кај бебињата кои се хранат со шише и оние кои почнале да јадат цврста храна. Најчесто тоа не претставува причина за грижа, сепак важно е брзо да се реагира бидејќи може да се јават болки, а “каката” која се собира во дебелото црево брзо се суши и на детето му станува се потешко да ја исфрли.
Зачестена столица
Додека цица, зачестената столица кај бебето не е постојана-од неколку пати на ден до ситуација со денови да не ја извалка пелената. Понекогаш се случува бебето да направи пауа и по една недела. Меѓутоа, во текот на првите месеци, поважна е густината на столицата. Ако е тврда и сува, а бебето очигледно се мачи, тогаш постои голема можност дека има запек.
Причина за појавување на запекот
Постојат многу причини зошто се јавува запекот (констипација) кај бебињата и помалите деца. Тоа може да биде пропратна појава во случај на гастроетеритис и други болести, но сепак највообичаена причина е недоволно внесување на течности или храна богата со влакна.
Бебиња кои цицаат
Не е вообичаено кај бебиња кои цицаат да се појави запек, затоа што млекото од мајката лесно се вари, а во дебелото црево се наоѓаат неколку врсти на бактерии кои ги разградуваат млечните протеини, резултат е мека столица која лесно се исфрла. Бебињата кои цицаат лачат и поголема количина хормони познати како мотолин, а кој го зголемува празнењето на цревата, но сосема е нормално и кај доенчињата неколку дена да заостане столицата. Вообичаено е каката на бебињата да биде растресита и жолта се додека не се премине на цврста храна. Проблем настанува кога каката е тврда така што празнењето станува болно. Големи паузи стануваат и поради тоа што млекото од мајката е совршено избалансирано па понекогаш нема ни малку вишок, но ако верувате дека вашето дете има запек-ако столицата му е тврда или се мачи додека кака-проварете вода, разладете ја и дајте му на бебето да испие триесет до шеесет милилитри, бидејќи така ситуацијата ќе се промени на подобро.
Бебиња кои се хранат со шише
Ако го храните бебето со шише, поголема е можноста дека ќе има запек, бидејќи млечната формула потешко се вари од мајчиното млеко. Тие поретко какаат од тие кои цицаат затоа што им се разликуваат ензимите во цревата, а каката им е погуста и зеленкаста. Ако бебето има тврда столица и потешкотии при празнење на цревата, многу е важно точно да го мерите количеството на млекото во прав-мерицата да не биде преполна. Лекарот ќе ве посоветува почесто да му давате проварена па потоа разладена вода. Во случај кога бебето е на цврста храна, цревата ќе му проработат ако му дадете разблажен сок или пасирано овошје.
Преминување на цврста храна
Кога бебето ќе премине на цврста храна, ќе се промени зачестеноста на столицата која ќе почне да изгледа и да мириса исто како кај возрасен човек. Запекот се јавува токму во овој период, затоа што цревата на бебето треба да се навикнат на променет состав на хранливите материи во исхраната. Со преминувањето на цврста храна може да дојде до дехидрација. Вашето дете можеби ќе почувствува болка при исфрлањето на поголема количина на цврстата столица. Кожата околу чмарот може да се искине и да крвари, што ќе предизвика поголема болка, а може да се случи и бебето да трпи и да ја задржува каката за да ја избегне непријатната болка, со што проблемот само се зголемува. Најдобро што можете да направите за детето кога ќе ја воведете цврстата храна, е покрај вообичаената млечна храна да му давате и доста вода или разредени овошни сокови.
Лечење на запек кај поголеми деца
(од осмиот месец)
Кога бебето потполно ќе премине на цврста храна, едноставни промени во исхраната обично можат да го решат проблемот. Пробајте со следното:
-Дајте му многу течности. Најдобро е тоа да биде вода или разреден сок.
-Оброците треба да ги зема секогаш во исто време.
-Давајте му повеќе храна на база на цело зрно житарици, а за доручек овесни снегулки.
-Понудете му повеќе свежо или сушено овошје и зеленчук затоа што тие содржат многу влакна: суво грозје, кајсии, смокви, грашок, грав, слатка пченка, печен грав и печен домат. Избегнувајте ја употребата на чепчиња, освен ако тоа не ви го препорача лекарот, кој може да ви препише некој поблаг лаксатив. На располагање имате голем број на лаксативи така што ако некој не му одговара на детето, може да пробате со друг.
После првиот роденден
Некои бебиња на оваа возраст стекнуваат навика да ја задржуваат столицата-можеби затоа што им е напорно често да седнуваат на нокшир или затоа што веќе поминале со болното искуство на тврдата столица. Во потешките случаи на запек, изметот кој се наоѓа позади тврдиот “чеп” е во течен облик и тече околу него. За да ги ублажите симптомите, пробајте со некои совети кои ви ги дадовме во претходниот текст. Ако овој проблем подолго време го мачи вашето дете, ќе морате да побарате помош од специјалист-терапијата може да потрае подолго за повторно да се направи навика на празнењето на цревата и детето постепено да се опушти.
Употребување на нокшир
Ако сте го започнале процесот на навикнување на нокшир, детето може да биде нервозно, поради што некогаш се јавува запек. Никогаш немојте да му вршите притисок на детето. Ако не врши нужда ден-два, вратете ги пелените повторно уште еден месец. Кога повторно ќе почнете со тренинг за користење на нокширот, пробајте од сето тоа да направите забава така што секогаш ќе го наградите, на пример со прегратка или да не ги коментирате евентуалните незгоди.
Кога треба да побарате совет од лекар?
Ако сите овие мерки не вродат со плод, или ако забележите крв во столицата, побарајте совет од лекар. Не ја одложувајте професионалната помош, ако чекате предолго и лечењето ќе трае долго и ќе биде потешко. Лекарот ќе го прегледа и ќе процени дали е потребно да зема некој благ лаксатив. Тие се земаат со шест до осум чаши вода дневно и овозможуваат чистење на цревата во рок од 24 часа. Некои деца мораат да земаат лаксатив со месеци, додека на други им е доволен и лаксатив на растителна основа. Ако ни тие мерки не помогнат, вашето дете ќе биде упатено во болница на подетални испитувања.
3 успешни методи за лечење на запек
– Масажа
Масажата може да помогне во случај на блокирана работа на цревата. Ставете на прстите малку масло или хидратантен крем и почнувајќи ид папокот, правете кружни движења по стомакот во правец на стрелките на часовникот. Продолжете ако забележите дека бебето ужива во тоа. Додека бебето е во легната положба на грб, фатете го за нозете и направете брз кружен потег-така што ќе ги разработите стомачните мускули кои ќе направат благ притисок на цревата и ќе овозможат движење на содржината во нив.
– Капење во топла вода
Капењето во топла вода може да овозможи бебето да се опушти и полесно да го испразни дебелото црево. Кога ќе се опушти во кадичката, можете слободно да му го измасирате и стомачето. Покрај тоа, ако е лето, давајте му на детето да пие што повеќе вода (проварена од водовод или специјална од шише). На овој начин ќе спречите појава на дехидрација и ќе овозможите воспоставување на нормална работа на цревата на бебето. Губењето на течност е најголема и најчеста причина за појава на запек и затоа погрижете се бебето секогаш да има добра хидрација.
– Природни методи
Сокот од суви сливи може да направи “чудо” кај бебиња помали од шест месеци, а исто дејство има и 1/4 лажиче кафеав шеќер растворен во 125 милилитри проварена и разладена вода. Кај бебиња поголеми од шест месеци можете да пробате и со неколку лажички чист сок од јаболко.
Напомена:
Никогаш не ставајте топломер или некој друг предмет во анусот на бебето за да го стимулирате празнењето, затоа што може да го повредите бебето.
Никогаш не му давајте лаксатив лекови и не му ставајте чепчиња на детето на своја рака. Тоа треба да ви го препорача лекар како терапија.