ЕЛЕКТРОНСКИ ИНФОРМАТОР

Претплати се на нашиот електронски информатор и добивај информации за промоции и нови производи!

    • Нема производи во кошничката.
    a
      >  Деца   >  Што кријат од нас: Мали тајни на новороденчињата
    Што кријат од нас: Мали тајни на новороденчињата

    Што кријат од нас: Мали тајни на новороденчињата

    Вашето бебе веднаш по раѓањето поседува одредени “знаења”, кои му помагаат да се снајде во новиот свет.

    Бебето се раѓа со повеќе од 70 инстинктивни рефлекси, но многу од нив се губат брзо по раѓањето.

    Еден од основните рефлекси е рефлексот на барање со усните. Ако на штотуку роденото бебе му го допрете образот тоа ќе се сврти на таа страна, пробувајќи со усните да ја допре вашата рака. На тој начин тоа ја пронаоѓа брадавицата на мајката, односно храната.

    Рефлексот за цицање се јавува многу рано и истиот е пресуден за преживување. Ако на бебето му ставите било што во устата, тоа ќе почне инстинктивно да ги помрднува усните како да цица. Но при доењето вашето малечко мора да го усклади рефлексите за цицање и голтање со дишењето. Тоа не е секогаш лесно, така што бебето некогаш ќе се загрцне иако има добро развиени рефлекси.

    Ако ставите прст или помала играчка на бебешката дланка, тоа веднаш цврсто ќе ја затвори раката, за што подобро да го фати предметот. Тоа исто така е рефлексна активност, која помага за одбрана од пад. Слично ќе се случи и ако ги допрете табаните на новороденчето. Кога се работи за рацете, рефлексите за фаќање се губат помеѓу третиот и четвртиот месец, додека пак рефлексите кои се однесуваат на нозете се задржуваат до крајот на првата година.

    Моро рефлексот е веројатно најважниот и најсложениот. Ако бебето се уплаши поради некое движење кое се случува оддеднаш (како што е поместување на подлогата која се наоѓа под него), силен звук или силна светлина – тоа прво ќе ги рашири рацете и прстите, а потоа следи потег налик на прегрнување.

    Доколку нежно ги помилувате табаните на вашето бебе кон прстите, тоа ќе ги рашири и ќе ги подигне прстите на нозете, а стапалото ќе го свитка кон внатре. Овој рефлекс, наречен Бабински, се губи помеѓу шестиот месец и втората година. Возрасните луѓе на ваква надразба реагираат спротивно, со собирање на прстите.

    Веќе во првите денови, лекарот ќе испита уште неколку важни рефлекси, но тоа не се единствените знаења кои ги поседува вашето бебе. Благодарение на тоа што сетилото за слух се развива многу рано, новороденчето веднаш го познава гласот на мајката. Тој му влева сигурност и му пружа утеха, затоа што му е познат уште од стомакот.

    Само неколку часа по раѓањето, бебето може да ја препознае својата мајка по мирисот. Затоа немојте да го збунувате со парфеми и дезодоранси. Помеѓу останатото, тие содржат хемиски состојки кои можат да му наштетат на вашето бебе.

    Сетилото за вид не е најдобро развиено веднаш по раѓањето, па дури после неколку месеци бебето почнува да ги гледа предметите и лицата слично како возрасните луѓе. Новороденчето може да го фокусира погледот на предмети кои се оддалечени на 10 до 15 сантиметри. А вашето лице, додека го храните, капете или преслекувате е извор на неговата најголема среќа.

    Штом ќе се роди, бебето разликува слатко и кисело, додека чувството за солено се развива после петтиот месец. Нормално, бебето како и големиот број на возрасни луѓе најмногу го сака слаткиот вкус.

    Допирот е една од основните човечки потреби, а за развојот на детето е важен исто колку и храната. Штотуку роденото бебе сестрата го става на мајчините гради. Стручните лица сметаат дека тој прв контакт “кожа на кожа”, помага за создавање на цврста врска за целиот живот.