Што значи кога децата ги “влечкаат“ омилените работи со себе
Децата од две години често имаат омилена играчка без која не одат на спиење или маичка која сакаат да ја носат секој ден. И боите може да им се опсесија, но и работи како ќебенце, кое Линус, ликот од цртаниот филм Чарли Браун го влечка со себе.
Зошто децата носат играчка со себе?
Психолозите велат дека овие предмети им даваат утеха во светот кој го доживуваат како страшно место, но децата со тек на време се откажуваат од таа навика. Проблемот се јавува кога на пример кадифеното кученце ќе се загуби или за неколку часови се наоѓа во машината за перење. Кадифеното мече или костимот на Супермен ќе им даде сигурност кога влегуваат во просторија полна со непознати луѓе или кога ќе ги оставите во градинка. Затоа е важно да ја прифатите оваа опсесија за некои работи и да им дозволите на децата да ги носат со себе.
Децата доживуваат разни возбудувања и пробуваат тоа да го совладаат со некои работи, затоа што не можат да ги искажат своите чувства. Наутро, ако детето ве брза да излезете од топлиот дом, може да ја побара својата омилена играчка да му прави друштво кога ги нема мама и тато. Или, можеби ќе сака секоја вечер да му ја раскажувате истата приказна, затоа што тоа му дава сигурност. Ако откриете во кои моменти сака да се заштити, ќе му помогнете полесно да го преброди стресот.
Во ситуациите кога омиленото ќебенце и кадифеното мече ќе ги заборавите кај баба и дедо, или пижамите без кои не сака да оди во кревет се скинат, кажете му на вашето дете дека знаете колку тие работи му се важни и јасно ви е зошто е толку вознмирено. Потоа пуштете го да се смири, понудете му замена за неговиот “пријател” кој ќе го чува или едноставно пуштете го да се исплаче и да се навикне на новата ситуација.